Избор на уредникотМистерии

ВИДЕО: Пентагон објави снимка од потера по НЛО

Луис Елизондо, поранешен разузнавачки офицер на американското министерство за одбрана, е уверен дека тајната програма која ја водел седум години покажаа дека неидентификуваните летечки објекти (НЛО) се навистина од вонземско потекло.

Елизондо е заслужен за објавувањето на снимките од „блиски средби“ на американски воени пилоти со НЛО-а за кои светските медиуми во изминатите денови интензивно пишуваа, а за кои Пентагот и понатаму нема официјално објаснување.

Една од тие снимки, која датира од 2004 година, прикажува потера на два американски ловци Ф/А-18Ф, кои полетале од носачот Нимиц крај брегот на Сан Диего, со мистериозен овален објект со големина на комерцијален авион. Објектот, како што пишува Вашингтон тајмс, изгледа како „голем летечки тик-так“, а на снимката на инфрацрвените камери рајтеон од кокпитот на американскиот воен авион се гледа како НЛО-то најпрво лебди пред да замине со брзина која ги шокирала пилотите.

Елизондо своето барање за објавување на оваа и уште две снимки во меморандумот до министерството го објаснил со едукација на пилотите и подобрување на безбедноста во воздушниот сообраќај. Меѓутоа, како што и самиот призна во подоцнежните интервјуа, вистинската намера му била да ѝ ја открие на јавноста тајната програма на Пентагон, наречена Програма за напредна идентификација на авијациски закани.

Елизондо си заминал од Пентагон во октомври, по дури 22 години служба во американското министерство, и се придружил на стартап компанијата Ту д старс академи од артс енд сајенсис како консултант. Пентагон го призна постоењето на програмата во саботата, како одговор на прашањата на медиумите поттикнати од промотивната кампања на компанијата.

Експертите предупредуваат дека за инцидентите со НЛО главно постојат објаснувања кои не навлегуваат во сферата на паранормалното и дека моменталниот недостиг од такво објаснување не значи дека навистина станува збор за вонземјани или друга паранормална појава. Меѓутоа, Елизондо е уверен дека конвенционалните објаснувања во овој случај не важат. „Тоа не е дрон. Тоа не е нешто за што лесно можеме да кажеме „ма тоа е авион“. Ова што го гледаме навистина оди многу подалеку од технологијата на следната генерација“, кажа Елизондо за Си-би-ес.

Поранешни и сегашни функционери на Пентагон потврдија за Вашингтон пост дека програмата се бавела со собирање и анализа на низа „аномалиски воздушни закани“, од напредни авиони на американските ривали и комерцијални дронови до можни средби со вонземјани. Програмата почнала во 2007 година, на иницијатива на поранешниот демократски лидер на Сенатот Хари Рид.

За програмата се потрошени најмалку 22 милиони долари, а иако портпаролот на Пентагон тврди дека била прекината уште во 2012 година, други функционери тврдат дека сѐ уште трае. Интересно е што еден дел од средствата отишле кај компанијата Бигелоу аероспејс, кооперант на Пентагон кој гради модули за вселенски станици, а чиј сопственик и основач е пријателот и донатор на Рид, Роберт Бигелоу.

Ексцентричниот тајкун Бигелоу и самиот е „верник“ кога станува збор за НЛО и вонземјаните, што јасно го даде до знаење во интервјуто за емисијата 60 минитс на Си-би-ес годинава. „Мислите дека во нашите вселенски патувања ќе најдеме други видови интелигентен живот?“, го праша тогаш новинарката Лара Логан. „Не мораме никаде да одиме (за тоа)“, одговори тој. „Едноставно ни се тука пред носот“.

Елизондо отиде чекор понатаму и му испрати писмо на американскиот министер за одбрана Џим Матис, во кое ги обвинува своите доскорешни претпоставени во Пентагон за практично саботирање на неговата програма. „И покрај силните докази, како тајни така и јавни, одредени поединци во министерството за одбрана и понатаму упорно се противат на дополнително истражување на она што би можела да биде тактичка закана за нашите пилоти, морнари и војници, а можеби дури и егзистенцијална закана за нашата национална безбедност“, пишува во писмото.

На каква точно егзистенцијална закана мисли поранешниот разузнувач можеме само да претпоставуваме, но Елизондо тврди дека дал оставка бидејќи „не можел понатаму да ја извршува мисијата бидејќи министерството, кое е разбирливо презафатено, не можело да му ги даде ресурсите кои натрупаните докази ги бараат“. Тој додаде дека својата работа на истражувањето на НЛО засега ја продолжува во приватниот сектор, а што ќе се случува со истражувањата од тој тип на Пентагон тешко е да се каже.

Поврзани вести

Back to top button