Убиецот на француските полицајци бил поврзан со терористи (ВИДЕО)
Француското обвинителство отворило истрага во која како потенцијален терористички чин е окарактеризиран нападот во кој службеник вработен во седиштето на полицијата во Париз убил четири колеги.
Тој потоа бил убиен од припадниците на полицијата, а во канцеларијата на париското обвинителство било кажано дека со истрагата за позадината на нападот се дошло до сознанија дека полицискиот службеник ги убил колегите поради “поврзаност со терористичката организација”, пренесува “AP”.
Американската агенција наведува дека во соопштението на париското обвинителство не се споменуваат можните докази кои инспекторите ги навеле на заклучокот дека нападот би можел да биде поврзан со тероризам. Давид Ле Бар, шеф на синдикатот на комесари на француската полиција, рекол дека истрагата дошла до сознанија за можна поврзаност на извршителот со тероризам на основа на претресот на неговиот дом.
“Знаевме за тоа на основа на проверката на историјата на пребарувања на неговиот компјутер, сајтовите кои ги посетувал, неговите познанства, и брзо дојдовме до некои информации”, рекол Ле Бар.
Француските медиуми во четвртокот по нападот објавиле дека 45-годишниот напаѓач пред 18 месеци преминал во ислам.
Напаѓачот бил вработен во администрацијата на полициската управа, а до нападот дошло по расправија во дворот на полициската станица, рекле полициски извори за француските медиуми.
Француските полициски извори, пренесуваат агенциите, наведуваат дека напаѓачот изгубил контрола и почнал да ги боде со нож полицајците кои се наоѓале околу него.
“Еден од колегите го уби лицето одговорно за нападот”, рекол шефот на локалниот полициски синдикат Лоик Травер.