Светата великомаченичка Злата Мегленска, Кога еден од нив нудеше да се потурчи и да му биде жена, таа храбро му одговори: „Јас во Христа верувам, само за Него знам
Родена е во селото Слатина, во Мегленската област, од сиромашни селски родители, коишто имаа уште три ќерки. Света Злата беше кротка и побожна девојка, мудра со Христовата мудрост и златна не само по име туку и по богобојазливото срце. Еднаш кога излезе по вода, ја фатија некои бесрамни Турци и ја одвлекоа во својата куќа. Кога еден од нив ? нудеше да се потурчи и да му биде жена, таа храбро му одговори: „Јас во Христа верувам, само за Него знам и Он ми е Женик. Од Него нема да се откажам никогаш, макар и на илјада маки да ме ставите и на парчиња да ме исечете.“ Тогаш дојдоа нејзините родители и ? рекоа: „Смилувај се на себе и на нас, откажи се привидно од Христа и ќе бидеш среќна и ти и ние, а Господ е милостив, ќе ти прости за гревот ако го правиш по цена на животот.“ И плачеа горко родителите, сестрите и роднините. Но витешката душа на Св. Злата не даде да биде победена од ѓаволските стапици. На своите родители им одговори: „Штом ми советувате да се одречам од Христа Кој е вистински Бог, не сте ми повеќе родители ни сестри; татко ми е Господ Исус Христос, мајка Богородица, а браќа и сестри – светителите и светителките.“ Тогаш Турците ја фрлија во затвор, каде што лежеше три месеци и секој ден ја биеја додека нејзината крв не ја натопи земјата. Најпосле ја обесија главечки и ја подложија на оган за да се загуши од чадот. Но Господ беше со неа и ? даваше сила во страдањето. На крајот ја обесија на дрво и целата ја исекоа на парчиња. Така оваа мажествена девица Му го предаде својот дух на Бога и се пресели во рајските живеалишта, во 1796 година. Парчиња од нејзините мошти христијаните разнесоа за благослов по своите домови.
Тропар
Оној Кој благодат ти подари, очи за светлина ти избистри, умот го подигна вис висини, о великомаченичке, о девственичке света, о достојнославна Злато, ангелите во хор гласови подигнаа, непријателите се засрамија. А ние денес радосни пофалби принесуваме пред твоето чесно страдање и молиме и преколнуваме – застапи се за нас пред небесниот твој Женик.
Кондак
Страшно и преславно е твоето спротивставување, со кое си ги восхитила сите, и си ги победила нечовечните мачители, и како божествена гулабица Господова, со златовидните крилја на твоето исповедање, си летнала кон Христа, Злато Богомудра.