Македонија

Собранието ги избра новите министри и заменици од ДУИ

Собранието на Република Македонија ги избра новите министри и заменици – министри во Владата, предложени од Демократската унија за интеграција (ДУИ). Против гласаа пратениците од СДСМ. По завршувањето на гласањето, новите членови на Владата дадоа свечени изјави.

Претседателот на Владата за спроведување на изборите Емил Димитриев пред пратениците образложи дека станува збор за ресори кои се испразнија по оставките на министрите кои доаѓаат од ДУИ и беа констатирани од страна на Собранието на Република Македонија на вчерашната седница.

– Имајќи предвид дека се работи за Влада за спроведување на изборите која е договорена меѓу политичките партии со Договорот јуни/јули во Скопје која има ограничен мандат и специфики и имајќи го предвид краткиот рок до распуштањето на Собранието заради одржување на изборите на 5 јуни, сметам дека е коректно и целисходно да се прифати Предлогот за избор на нови членови на Владата. Очекувам овие лица доколку бидат избрани да пристапат кон работата со максимална посветеност, почитување на Уставот и законите и да покажат однесување кое е совесно, одговорно и во интерес на сите граѓани на Република Македонија, рече Димитриев.

Според предлогот на лидерот на ДУИ Али Ахмети, нов заменик-претседател на Владата задложен за европски прашања ќе биде Арбр Адеми, Фестим Халили – заменик претседател на Владата задолжен за спроведување на Рамковниот договор, Валдет Џафери – министер за правда, Пиштар Лутфиу – министер за образование и наука, Дритон Кучи – министер за економија, Башким Амети – министер за животна средина и просторно планирање, Ширет Елези – министер за локална самоуправа.

Агим Нухиу треба да дојде на местото заменик министер за внатрешни работи, Фатон Положани за заменик министер за транспорт и врски и Гзим Беадини за заменик министер за финансии.

Предложените кандидати доаѓаат на местата на досегашните министри Муса Џафери, Фатмир Бесими, Беким Незири, Абдилаќим Адеми, Нурхан Изаири, Аднан Јашари и Лирим Шабани, како и замениците Ардиан Џеладини, Неметула Халими, Земри Ќамили и Илми Селами, кои поднесоа неотповикливи оставки во петокот, откако ден претходно таква одлука донесе партиското раководство на ДУИ. Оставките им ги костатираше Собранието вчера на почетокот на 98. седница.

Ермира Мехмети од ДУИ изрази, како што кажа, лично задоволство што денеска се промовира новата генерација на политичари и интелектуалци од ДУИ, Албанци од Македонија, проевропски, современи, и што е значајно, како што рече, не страдаат од комплексот на инфериорност и од тоа да бидат сервилни кон кој било, како личности, како авторитетите или како институција во Република Македонија.

– ДУИ секогаш промовираше дух на гледање напред, а не враќање назад, затоа ние денеска даваме една нова понуда, нов политички договор со нашите гласачи, со граѓаните на Македонија, со целата јавност, која постојано го вперуваше прстот кон нас и кадрите, кои речиси беа залепени за своите фотељи. Меѓутоа денес покажуваме дека имаа храброст, имаме знаење и што е најзначајно имаме кадри, истакна Мехмети.

Имер Алиу од ДПА смета дека денеска се констатира неуспехот на тие што претходно беа на овие министерски и заменички места, но и на тие што утре условно им завршува мандатот бидејќи е предвидено распуштање на Парламентот. Оваа Влада, според него, од утре ќе биде техничка. Во изминатите девет години владеењето на ДУИ го, според Алиу, го одбележало крадење, корупција, лично збогатување и не исполнување на ниту еден интерес кој оди во прилог на Албанците. Според ДПА, во овој период имало застој на Охридскиот рамковен договор.

Поврзани вести

Back to top button