Свет

Претставени можностите за студирање во Русија, рокот за аплицирање до 20 март

Руската Федерација ќе додели 30 стипендии за македонски државјани за додипломски и за постдипломски студии на некој од државните руски универзитети во академската 2016/2017 година.

Стипендијата покрива бесплатни студии, месечен надомест (стипендија) како и за руските студенти, сместување во студентски дом по симболична цена и подготвителна една година за учење на рускиот јазик пред почетокот на студирањето доколку кандидатот не го знае јазикот.

Може да се конкурира за студиска програма на стотини високообразовни институции на сите државни универзитети во Русија, за кои македонските студенти може да се информираат на страницата http://russia-edu.ru.

Амбасадата на Руската Федерација во Скопје денеска на Економскиот факултет ги презентираше можностите и условите за студирање во Русија, која има долга образовна традиција и престижни универзитети, како што е „Ломоносов“ во Москва, основан во 1756, но и во другите центри – Санкт Петербург, Казањ, Новосибирск…

Михаил Лушин од Амбасадата рече дека карактеристика на студирањето во Русија е што има специјализирано образование за странци, а предноста за македонските државјани е во тоа што со познавање на рускиот јазик и стекнато образование таму имаат шанса за вработување во руски компании во Македонија и во македонски кои отвораат во Русија.

Заинтересираните треба да пополнат пријава која ќе ја најдат на веб-адресата на Руската амбасада (macedonia,mid.ru) и сите документи (копии од пасош, документи за завршено образование, лекарско уверение, потврда за тест за ХИВ-вирус) преведени на руски и заверени кај нотар до 20 март 2016 да ги донесат во Амбасадата. Средношколците кои се уште немаат диплома, треба да достават свидетелства од претходните години.

На 21 март ќе бидат интервјуирани од претставници на Амбасадата, кои ќе ги пратат документите до универзитетите наведени во пријавата. Самите универзитети ќе ја донесат конечната одлука за прием. Резултатите ќе бидат објавени во јули или август. Примените кандидати на свој трошок ќе патуваат во местото каде што ќе студираат и во септември треба да бидат таму.

Лушин ги советуваше заинтересираните во пријавата да наведат најмногу шест универзитети како алтернативи каде што би студирале, но најмногу два универзитета треба да бидат од ист регион во Русија.

За предносите од студирањето во Русија зборуваше и ректорот на Скопскиот универзитет Велимир Стојковски и вработен во „Лукоил“ кој преку овој конкурс во 2008 ја искористил можноста да заврши додипломски и постдипломски студии во Санкт Петербург.

Поврзани вести

Back to top button