Религија

Православни светители кои се празнуваат денес

Светиот пророк Малахија

Pravoslavie_zakon_620

Според редоследот на времето тој е последниот од Пророците. Се роди по враќањето на Евреите од вавилонското ропство. Во лицето беше необично убав. Преданието вели дека народот го нарекувал ангел, можеби заради неговата надворешна убавина или заради чистотата на душата или пак затоа што се дружел со Божји ангел. Често говорел со ангелот лице в лице. Се случувало и другите да го чујат гласот на ангелот, но не биле достојни да му го видат лицето. Она што му го јавувал ангелот, младиот пророк го пророкувал. Викал кон неблагодарниот Израил и кон беззаконите свештеници. Петстотини години пред Христа јасно го прорекол јавувањето на Свети Јован Крстител. Но главно тој е пророк на Страшниот Суд. Како млад се престави кај Бога и после него немаше веќе пророк во Израилот до Јован Крстител.

Светиот маченик Гордиј

Роден е во Кесарија Кападокиска. Беше офицер во римската војска во времето на царот Ликиниј. Но кога настана страшно гонење на христијаните, ја остави војската и чинот и се оддалечи во Синајската пустина. Осамен на планината Хорив времето го поминуваше во молитва и размислување за тајните на небото и земјата. Особено размислуваше за суетата и ништотноста на овој свет, околу што луѓето се мачат и се борат на земјата и најпосле посака да умре за да се пресели во непропадливиот живот. Со таа желба тој слезе во градот во време на некои незнабожечки трки и игри. Му се пријави на градоначалникот како христијанин. Овој залудно го одвраќаше од верата со ласки и со закани. Гордиј остана непоколеблив и тврд како дијамант и говореше: „Зарем не е безумство со овој пропадлив живот да се купува вечната мака и погибел на душата?“ Осуден на смрт радосно иташе кон губилиштето и патем им говореше на џелатите за скапоцената Христова наука. Со Исусовото име на усните го предаде своето младо тело на меч, а праведната душа на Бога, во 320 година.

Света Геновева

Заштитничка на градот Париз. Со подвиг на пост, молитва и милостиња се удостои со Царството Божјо и се упокои на 3 јануари 512 година во осумдесет и деветтата година од нејзиниот живот.

Поврзани вести

Back to top button