Поранешниот директор на Фејсбук: Социјалните мрежи ви го уништуваат животот
Поранешниот директор на Фејсбук, Чамат Палихапитиа, се приклучил кон критичарите на овој IT гигант, признавајќи дека чувствува голема вина поради работата на “алатите кои ја растргнуваат општествената ткаенина преку кои општеството функционира”.
Палихапитиа се вработил во Фејсбук во 2007-та година и станал потпретседател за раст на корисниците на Фејсбук, додека не дал отказ во 2011-тата година. Во текот на гостувањето на “Stanford Business School” во ноември кажал што мисли за својот поранешен работодавец и неговата општествена улога без никаква задршка.
“Краткотрајните јамки, стимулирани со допамин кои ги создадовме го уништуваат начинот на кој општеството функционира. Нема пристоен дискурс, нема сорабока, имаме дезинформации, невистини”, рекол тој, реферирајќи на облиците на он-лајн интеракција како “лајк, срце, палец горе…”.
“Не го користам тоа ср*ње”
“И ова не е американски проблем. Тука не станува збор за руски огласи. Ова е глобален проблем”, нагласил Палихапитиа. Навел пример од индиската сојузна држава Јарканд оваа пролет, кога лажното предупредување за група киднапери се проширило и резултирало со линчување на седум лица. “Со тоа си имаме работа. А замислете го тоа доведено до екстрем, кога лоши актери може да манипулираат со големи групи на луѓе да направат нешто што не сакаат. Тоа навистина е лоша, многу лоша ситуација”, заклучил тој. Но, подоцна, во разговор со водителот, додал дека сепак верува дека Фејсбук “во главно прави добро за светот”.
Палихапитиа сега вели дека се надева дека ќе успее да ги употреби парите кои ги добил работејќи за Фејсбук, за да направи нешто добро за светот. “Не можам да ги контролирам. Можам да ја контролирам својата одлука, а тоа е да не го користам тоа ср*ње. Можам да ги контролирам одлуките на моите деца, а тоа е да не им дозволувам да го користат тоа ср*ње”.
Бојкот на Фејсбук како повикување на совеста
Притоа ја повикал публиката да го преиспита својот однос со социјалните мрежи: “Вашето однесување, можеби не сфаќате, се програмира. Тоа беше ненамерно, но сега мора да одлучите колку од тоа ќе предадете, колку од својата интелектуална независност”, вели Палихапитиа.
Ова не е прв поранешен вработен во Фејсбук кој упатил критики до компанијата. Шон Паркер, ко-основач на Фејсбук, минатиот месец исто така ја критикувал мрежата поради начинот на кој ја злоупотребува слабоста во човечката психологија. Тој и самиот рекол дека не користи Фејсбук, опишувајќи го својот бојкот како “повик на совеста”.
Социјалните мрежи како Фејсбук наидуваат на се поизразени критики поради нивното влијание на се подлабоката социјална поделба ширум светот, како и за резултатите на референдумот за Брегзит, и американските избори минатата година.