Полициска акција во Скопје, уапсени неколку наркодилери (ВИДЕО)
На 22.02.2022 од страна на полициски службеници од Бирото за јавна безбедност – Оддел за криминалистичка полиција, Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи, во содејство со Одделот за специјални полициски операции со САЕ„Тигар“, Единицата за брзо распоредување, како и Одделот за сузбивање на сериозен и организиран криминал, Оперативен тим потраги, Единицата за недозволена трговија со дрога и Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје, по насоки од надлежен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје, на подрачјето на Скопје беше спроведена заедничка координирана полициска акција, во која се лишени од слобода 10 лица и запленети се околу 40 килограми марихуана со вредност над 200.000 евра. Со ова е сузбиена меѓународна криминална група во која покрај наши државјани, учествувале и албански и косовски државјани, кои биле инволвирани во недозволена трговија и продажба на наркотични дроги, така што организирале транспорт на марихуана од Албанија преку Косово во нашата држава, со цел понатамошен транспорт за Турција.
Имено, по преземени мерки и активности, во вечерните часови, на локалниот пат за село Сопиште од страна на полициските службеници биле запрени две патнички возила, и тоа „рено флуенс“, управувано од С.Ф.(36) и „фолксваген венто“, со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.Ф.(30), двајцата од с.Никиштане. Првото возило имало задача да биде „чистач“, односно да известува за присуство на полициски патроли, а при извршениот преглед во багажникот од второто возило била пронајдена вреќа во која биле спакувани 27 пакувања со марихуана.
Истовремено, на крстосницата кај трговски центар на подрачјето на Бит Пазар, од страна на полициски службеници од Интервентна полиција биле лишени од слобода М.Л.(49) од Ѓирокастро, Р.Албанија, Љ.Н.(59) од Скопје и И.Е.(41) од Тетово, кои се превезувале со патничко возило „пунто“, а координирано, во населбата Ѓорче Петров, бил лишен од слобода А.П.(57) од с.Грчец.
Од страна на полициски службеници од оперативен тим Потраги заедно со Единицата за брзо распоредување биле извршени претреси на две локации во с.Патишка Река. Притоа, од слобода биле лишени две лица, и тоа М.А.(19) од с.Патишка Река и К.К.(31) од Скопје. За М.А. биле распишани три Централни потерници, по три судски наредби, веќе осуден на 2 години казна затвор и дополнителна мерка притвор, додека К.К. се барала по Централна потерница и судска наредба со определена мерка притвор, а при претресите биле пронајдени уште 26 пакувања марихуана.
Претреси биле извршени и на повеќе локации во Скопје, и тоа во с.Никиштани, кај С.Ф.(36), при што биле пронајдени машини за копање на биткоини, со кои се вршела кражба на електрична енергија, како и на подрачјата на Карпош и на Бит Пазар, при што биле пронајдени предмети поврзани со кривични дела, а на излез на Граничен премин Долно Блаце, од страна на гранична полиција при Регионален центар Север бил лишен од слобода и косовскиот државјанин Ф.Т.(32), при обид да побегне од државата.
Во текот на денешниот ден од страна на СВР Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога ќе биде поднесена кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција против 10 лица за извршено кривично дело по член 215 став 3 и истите ќе бидат спроведени пред Судија на претходна постапка до Основен кривичен суд – Скопје.