Македонија

Објавен конкурсот за упис на факултет, слободни 24.356 места

Објавен е конкурсот за уписи на јавните високоборазовни установи во Република Македонија за академската 2016/17 година. Матурантите кои имаат намера да го продолжат своето образование можат да го погледнат во печатените медиуми и на интернет страницата на Министерството за образование и наука.

Заменик-министерот Спиро Ристовски на денешната прес-конференција информира дека конкурсот предвидува вкупно 24.356 слободни места на петте јавни високообразовни установи во државата. 13.536  места се наменети за редовни студенти во државна квота, 7.327 места за студентите со кофинансирање и 3.493 слободни места за вонредни студенти.

– При креирањето на конкурсот предвид се земени параметрите од анализите на понудата и побарувачката на пазарот на трудот, како и проекциите за идните побарувани занимања, кои се од особен интерес за државата и од големо значење за севкупниот општествено-економски просперитет, истакна Ристовски.

Најмногу слободни места има на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, 10.535. Од нив, 6.606 се за редовни студенти во државна квота, 2.819 за квота редовни студенти со кофинансирање и 1.110 за вонредни студенти.

На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола има вкупно 3.543 слободни места, од кои 2.040 за редовни студенти во државна квота, 790 за квота редовни студенти со кофинансирање и 713 за вонредни студенти.

На Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид има вкупно 440 слободни места, од кои 220 за редовните студенти во државна квота, 110 за квота редовни студенти со кофинасирање и 110 за вонредни студенти.

На Државниот универзитет во Тетово има вкупно 4.600 слободни места, од кои 1.335 за редовни студенти во државна квота, 2.600 за квота редовни студенти со кофинансирање и 665 за вонредни студенти.

На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип има вкупно 5.238 слободни места, од кои 3.335 за редовни студенти во државна квота, 1.008 за квота редовни студенти со кофинасирање и 895 за вонредни студенти.

Ристовски потсети дека датумите и роковите за упис ги одредуваат самите универзитети. Првиот уписен рок е во втората половина на август, вториот кон крајот на август и првите денови од септември, а третиот кон средината на септември.

– Лицата кои ќе се запишат како редовни студенти и ќе влезат во државната квота ќе плаќаат 200 евра годишно во денарска противвредност. Студентите кои ќе се запишат како редовни во квотата со кофинансирање и вонредните стиденти ќе плаќаат 400 евра годишно во денарска противвредност, нагласи Ристовски.

Тој апелираше сите идни студенти изборот на областа во која ќе студираат да го направат врз основа на сопствените убедувања, афинитети и предиспозиции. Многу е важно, како што рече, предвид да ги земат и инфорамциите за тоа колку одредено занимање е побарувано и колкава е веројатноста да обезбеди соодветен работен ангажман по завршување на образовниот процес.

– И годинава потребно е да се обрне внимание на техничките струки, особено на инженерството, градежништвото, производството, како и на природните науки и математиката, рече Ристовски.

Во изминативе пет години, како што рече, имаме значително зголемување на бројот на студенти кои се одлучуваат да студираат на природно-математичките и техничките факултети.

– Ако во 2010 година имавме 20,9 отсто од вкупниот број на студенти во генерација кои одбрале технички и природно-математички науки, во 2015 година тој процент изнесуваше 31, потенцира Ристовски.

Одговарајќи на новинарско прашање, Ристовски рече дека на Универзитетот „Гоце Делчев“ има нова катедра за вајарство, која ќе биде дел од Ликовната академија.

Поврзани вести

Back to top button