На скопскиот аеродром запленети над 43 килограми злато (ВИДЕО)
На скопскиот аеродром запленети се над 43 килограми златен накит скриени во најлонски ќеси. Како што информираат од Царинската управа станува збор за рекордна заплена на златен накит чија вредност се проценува на околу 2,3 милиони евра.
– По претходни сознанија и основан сомнеж лице со српска патна исправа, кое пристигнало со редовниот вечерен лет од Истанбул, е упатено на детален претрес и преглед на багажот. При тоа во неговиот куфер и рачниот багаж е откриен разновиден златен накит пакуван во најлонски ќеси, меѓу кои и накит од бело злато со дијаманти со приложени сертификати. Лицето и накитот се привремено задржани и во моментот се спроведува истрага. Во истрагата се вклучени Секторите за контроли и истраги и за професионална одговорност на Царинската управа, рече на денешната средба со новинарите Славица Кутиров, директорка на Царинската управа.
За случајот веднаш бил известен дежурниот јавен обвинител заради спроведување на понатамошни истражни дејствија.
Од почетокот на оваа година, како што рече Кутиров, ова е втор случај на запленет златен накит.