Македонија

На две деца од скопско потребна им е помош

Семејството Христови живеат во трошна куќа во населбата Припор и се во тешка финансиска ситуација. Таткото Владимир има 39 години, и откако паднал од камион и ја повредил кичмата е со намалени работни способности, а во моментов не прима никаква социјална помош.Тој и неговите две деца живеат од пензијата на мајка му.

Пред три години и децата на Владимир останале без мајка, девојчето само што тргнало на училиште, а машкото имало 3 години. Сега Марија има 9, а Огнен 6 години. Бабата Горица (мајката на Владимир) има 70 години, таа им е и баба и “мајка” на дечињата, сите се собрани во една соба. Дечињата се како ангелчиња, воспитани, тивки и со насмевка која освојува. Фамилијата на Владимир малку имаат, а како да имаат сè…. детските очи зрачат топлина поголема од онаа што можат да ја дадат сировите дрва во шпоретот. Мудроста на Горица и питомоста и топлината на таткото се разлеваат во овој дом, тоа е чувство кое спонтано ни се наметнува. Собата во која сега сите живеат е закрпена, однадвор во одредени делови на собата продира светлина и повеќе личи на засолниште, во невреме да спасиш глава. На посилен пороен дожд, се се слева во собата, но ним таа им е живеалиште…

Им треба помош, им треба попристојно место за живеење. Бабата, самохрана мајка уште од млади години (таткото починал кога Владимир имал 2 години), направила куќарка за да имаат кров над глава, со години ја крпеле од дожд и студ, крпениците се видливи, сунѓери по ѕидовите, картони на подот таму каде што даските пропаднале но, во домот е топло… светлината и топлината најмногу доаѓа од детските очиња. Пред извесно време направена им е доградба која е во состојба на карабина и со многу видливи отвори по зидовите.

Поврзани вести

Back to top button