Живот

“Како побегнав од скиентологијата”: Таткото на лидерот за тиранијата и заплашувањето во најелитната секта во светот

Книгата со наслов “Безмилосен – Скиентологијата, мојот син Дејвид Мискевејџ и јас” на Рон Мискевејџ привлекла големо внимание и пред да биде промовирана пред два дена.

80-годишниот татко на лидерот на Скиентолошката црква, Рон Мискевејџ, во неа го опишува времето минато во “Златната база” на сектата во близина на местото Хемет, во округот Риверсајд во Калифорнија, тиранските методи на својот син и за тоа како тој само по 40 години ѝ го свртел грбот на сектата.

“Тоа беше бегство, мислите дека од таму можете туку-така да си заминете? Не! Ве задржуваат! Но, успеав да побегнам”, пишува Рон Мискевејџ, пренесува германски Bild.

Тој вели дека територијата била обезбедена со ограда со шилци и дека се извлекол со помош на трик: со дозвола на чуварот, често го посетувал музичкото студио во близина, и секогаш уредно се враќал. Поради тоа никој никогаш не се посомневал кога со сопругата Беки решил да побегне.

“Возевме полека за да не привлечеме внимание. Потоа свртев лево и дадов гас. Знаев, сега сме слободни, нема повеќе да не фатат”, наведува Рон Мискевејџ. Возеле три дена без пауза, сè додека не стигнале кај мајката на неговата сопруга во Висконсин.

Книгата открива дека Дејвид Мискевејџ се приклучил на сектата на 16 години, и дека поради неа го напуштил своето семејство. Според зборовите на таткото, Дејвид во тоа време бил фино и духовито момче. Кога неговиот татко 10 години подоцна, во 1985. година и самиот се приклучил во сектата, неговиот син повеќе не бил истиот: “Еднаш му довикував од далеку: “Еј, Девј!”, а тој се сврти и рече: “Со кого разговараш ти?””

Таткото го опишува синот како надмен човек кој владее со цврста рака. Еднаш му викал на својот татко речиси еден час пред очите на групата следбеници.

По смртта на основачот на сектата Рон Хабард во 1986. година, Дејвид наводно на сите можни начини се обидувал да дојде на чело на сектата. “Имаше авторитет, знаеше да зборува. Мотото му беше: “Ако те слушаат, имаш моќ”. И го слушаа”, пишува Рон Мискевејџ.

Додека Дејвид Мискевејџ ужива во луксуз, останатите членови на сектата живеат во сиромаштија. Заплашувањата, често со примена на сила, се вообичаено средство против оние кои се осудуваат да бунтуваат.

Скиентолошката црква ги демантира обвиненијата изнесени во книгата и тврди дека станува збор за “лаги и клевети”.

Поврзани вести

Back to top button