Документ од 1942 покажува дека во Корча живееле Македонци!
Во напис под наслов „Кога документите зборуваат и Боговите молчат, ама не и Бугарите” македонскиот весникот во Албанија „Илинден” објавува допис од 1942 година зачуван во албанскиот државен архив, во кој стои дека во префектурата Корча, во чии рамки е и Мала Преспа, не живеат ниту Бугари ниту Срби.
-Кога зборуваме за атакот кој со децении го прави Бугарија врз Македонците во Албанија со цел тие да се изјаснуваат за Бугари, а во интерес на вистината треба да посочиме дека бројни Македонци во Албанија оставиле свои сведоштва. Од нив многу јасно се гледа дека тие никогаш и никаде не пишувале дека се Бугари, стои во написот.
Напротив, стои понатаму, многу јасно сведочат за нивното македонско национално чувство.
– Во оваа прилика ќе наведеме податок кој говори многу за положбата на Македонците во различните временски периоди. Во книгата „Мала Преспа“ од Гуре Дума, објавена во Скопје во 2005 година на страницата 72 пишува: „До 1930 година, во размената на писмата меѓу печалбарите и домашните се пишувало на македонски јазик, но со грчки букви, а од 1930 до 1945 година, писмата се пишувале на македонски јазик, но со албански букви, наведува авторот на написот.
Се заклучува дека ова доволно говори дека во периодот меѓу 1930 и 1945 година, Македонците во Албанија воопшто не го употребувале бугарскиот јазик, ниту бугарска азбука.
Според весникот, за непостоење на Бугари во Албанија говорат и податоците во многуте документи а дел од нив се наоѓаат во Управата на државниот архив во Тирана.
Се посочува дека еден официјален документ од 7 октомври 1942 година, зачуван во архивот, потврдува дека немало Бугари во префектурата Корча. Во документот пишува „Кралство Албанија – Чест ни е да ве информираме дека, во околината на оваа префектура, нема Бугари, ниту Срби алогени жители, од споменатите”, и е потпишан од заменик префектот Димитер Јовани.
– Се разбира, овој и ваквите документи, како и сведоштвата на Македонците од Албанија не значат ништо за Бугарите, кои со фалсификати и од позиција на членка на ЕУ, успеа со уцени кај албанската власт да издејствуваат да се измисли непостоечко бугарско малцинство во Албанија, констатира весникот „Илинден”.