Доктор Чепреганов ја откри тајната за долговечноста, постот и молтвата била составен дел од неговиот живот
На 87-годишна возраст почина македонскиот невропсихијатар-епилептолог, проф. д-р Методи Чепреганов. Тажната вест ја потврдија и од приватната болница во која работеше и по пензионирањето.
„Со огромна жалост би сакале да Ве известиме дека денес по кратко боледување почина нашиот ценет и почитуван Проф.Др.Методи Чепреганов. Директорот, менаџерскиот тим и сите вработени изразуваат огромна почит и благодарност за соработката и успесите во работата како дел од тимот на болницата, во која работеше повеќе од 20 години. Вечна му слава!“, стои во објавата.
Д-р Чепреганов лани во интервју за „Женски магазин“ откри дека максимално е посветен на пишувањето и дека планира наскоро да објави три нови книги. Најави и дело кое ќе го посвети на Ковидот и на последиците кои се појавуваат кај пациентите што ја прележале болеста.
Освен по неговата виталност, д-р Чепреганов беше препознатлив и по својот позитивен пристап кон животот.
Тајната за договечноста ја поврзуваше со генетиката како основа на сé.
„Втората тајна е умереност во сѐ. Сѐ што правите треба да биде умерено. Третата е да избегнувате стресови или состојби кои го воспалуваат организмот. Тие прават дисбаланс на хормоните и психосоматски болести. Тоа е најголемиот проблем на цивилизацијата и на македонскиот народ. Македонскиот народ живее во пролонгирана стресогена состојба“, велеше професорот.
Проф. д-р Методиј Чепреганов во разговор за Женски Магазин откри дека религиозните норми и канони во неговото семејство постојат како традиција. Вели дека пости неколкупати во годината и дека се прекрстува на трпезата.
-Се крстам пред да јадам, за Бог да ја благослови трпезата, а кога ќе завршам му се заблагодарувам што ме нахранил
Откако знае за себе ги издржува целосно Петровите, Богородичните, Божикните и Велинденските пости. Тоа го правеле и неговите родители и предци.
– Во прашање е канон, длабоко инкорпориран во фамилијарната хармонија и опстојување. Постам и во поедини денови во годината кои се строго одредени, како и среда и петок. Морам да признам дека во овие денови може да има и отстапувања. Постев и кога бев во Франција. Дури имаше колеги кои ме следеа во постењето. Ритуалот да се пости е норма која треба да ја всадите од рана возраст, како и секоја молитва, макар и само со крст, кога почнувате да се храните, Бог да ви ја благослови трпезата, и кога завршувате со ручекот да му се заблагодарите што Ве нахранил. Ако овие канони не ви се всадени во Вашата личност, би требало и подоцна да ги усвоите –вели тој и дополнува дека пости од две причини – религиозна и медицинска.
-Религијата ги носи социјалните, моралните и етичките норми на личноста, со една и единствена цел – да знаеме да сакаме, да го почитуваме ближниот и да бидеме толерантни, за да конечно нашите интерперсонални односи бидат нормални и во хармонија и почит. Религиозните норми на однесување помеѓу луѓето мислам дека се крајно битни во сите релации. Постот е една од нормите, кога личноста може комплетно да се контролира, така што исхраната како една секојдневна филозофија на нашето постоење, ја држите под контрола, за Бога, за себе и за сопственото здравје. Немањето на таква самоконтрола, води кон тешки последици за сопствениот организам. Во овој контекст, медицинските аспекти на постот се повеќе од потреба за секој организам, знаејќи дека богата храна со маснотии, за секој организам е повеќе од штетна. Проблемот е многу широк, така што, постот, како религиозна норма на самозабрана, ќе го оставам како отворен, секој да го прифати како добро решение за сопственото здравје посочува докторот.
Проф.д-р Методи Чепреганов е светски признат експерт за болести на мозокот и има објавено 71 дело.