Избор на уредникотМакедонија

Доброто е зло ако се повлече пред злото

Цела година се расправавме со општеството. Многу се кажа, многу луѓе се споменаа, се исповредија, се намачкаа со кал, а ништо суштински не се смени. Затоа, оваа колумна им ја посветувам на сите оние што сакаат сказни. И тоа за Нова година.

Сите знаат како настанал светот, ама никој уште не знае како и зошто се распаѓа, сè побрзо. Имено, вака почна сè: најпрвин се роди еден човек неталентиран за пишување и почна да проповеда против пишувањето. Рече дека трговијата е поважна од пишувањето и се зафати со трговија, па направи многу пари. Но за сето време пишуваше, иако не објавуваше. Потоа отиде на вратата на најважниот критичар, му даде многу пари и овој му ги испечати сите дела со невидени пофалби. И му поверуваа најдобрите во пишување на овој лажен пророк-критичар, и сите почнаа да пишуваат како оној писател. Се изнапишаа многу весници, книги, ТВ-серии, за пари. И народот беше среќен, зашто кичот, како што вели Абрахам Мол, е уметност на среќата. Изумреа сите што помнеа дека некогаш се пишувало подобро, оти ова сегашново беше – единствено постојно и затоа – најдобро.

Потоа се роди еден човек, син на банкар, кој не знаеше да смета. Татко му потплаќаше даскали само да му пишат преодна оценка по сметање, за да има кому да му ја остави директорската фотелја. И тој младич, откако заврши средно училиште и го наследи местото на татко си, рече дека сметањето не е најважната работа на светот и се побуни против даскалите што го учеа. Математиката не е важна, менаџментот е важен, велеше овој човек. Но продолжи, преку вработените што знаат да сметаат, да смета лихви и камати без никаква основа. Ако некој се побунеше за каматата, дека не е праведно пресметана, тој ќе кажеше: „Уф, грешка. На толку сметање се случува, разберете и простете“. Ако човек не се побунеше, си ги задржуваше парите. И кога напечали многу пари, си купи цел еден универзитет, сосе даскали. Некои од нив му беа и предавале. Еден помал дел од нив на времето не му го беше прифатил митото на неговиот татко, за да му пишат преодна оценка на синот, па синот нив веднаш ги отпушти. По десет години, тој на факултетот му го даде своето име. По дваесет години сите мислеа дека тоа бил некој голем, најголем математичар, оти – зошто еден факултет по математика би носел име на некој дунстер што не знае да смета?

И така народот беше среќен што некогаш имал светски математичар во тоа славно име, а беше среќен, зашто и сметањето, како што велат лихварите е – уметност на среќата. И ако не знаеш баш да сметаш, ама знаеш да бидеш пресметлив, те води кон среќата.

Потоа, сè одеше брзо: како што неталентираниот за пишување се побуни против талентираниот, а оној што не знае да смета против оној што знае, така нечесниот се побуни против чесноста, суровиот против милосрдноста, себичниот против алтруизмот, лакомиот против скромноста. А бидејќи чесноста е чесна, сериозно ги сфати тие плукања против себе, па се повлече во една скромна куќарка мислејќи си „Ах, колку сум била нечесна“. И бидејќи милосрдноста е милосрдна, се однесе милосрдно кон суровиот што ја обвинуваше за немилосрдност, па и таа се повлече во истата колиба со чесноста.

И алтруизмот, бидејќи на сите им дава сè, реши да му даде за право на егоизмот, од кого беше обвинет за егоизам, па се всели во истата колиба. Скромноста скромно се однесе кон тврдењето на лакомиот дека скромниот е всушност лаком, па и таа скромно се повлече во истата колипка.

Така, откако чесниот му го отстапи местото на нечесниот, нечесниот, бидувајќи сам, природно стана единствена мера за чесност: изумреа генерациите што помнеа дека некогаш постоела некоја чесност почесна од оваа сега, која ни изгледа најчесна, затоа што ја нема некогашната чесност за споредба. Откако милосливоста милосливо ѝ го отстапи местото на суровоста, суровоста стана милосливост. Откако алтруистот му го отстапи местото на егоистот, егоистот стана најголем алтруист. И откако скромноста му го отстапи местото на фалбаџијата, фалбаџиството стана скромност.

Така пропадна земјата, зашто доблесните доблесно се повлекоа пред недоблесните. Единственото прашање е дали тоа што го направија доблесните е – доблесно.
Ви станува ли сега јасно, драги мои, зошто денес оној што не знае да пишува го мрази оној што знае да пишува, оној што не знае да пее го мрази оној што знае да пее, оној што краде го мрази оној што чесно заработува, оној што блудничи го мрази оној што не блудничи и така натаму, и така наваму, и така насекаде по лицето од Земјата?

Одговорот е едноставен: само поради можноста недоблесното да седне на престолот на доблесното. А тоа се случува лесно, во еден миг, ако само за миг задремат доблесните. Додека спијат, доблестите стануваат недоблесни! Затоа, не спијте, доблесни! Чесноста е нечест ако се повлече пред нечесноста, милосрдноста е суровост ако се повлече пред суровоста, алтруизмот е егоизам ако го пушти себичниот на свое место… Со еден збор, доброто е зло ако се повлече пред злото. Тоа го знаеше големиот Његош, кога напиша дека најсвета човекова должност е да ѝ застане на тиранијата на вратот.

Толку за тоа зошто се распадна Земјата. За среќа, остана небото. На него, велат мудреците, доблесните се малку подоблесни одошто доблесните на Земјата. И тешко дека „доблесно“ ќе попуштат пред злото.

Никој, меѓутоа, не знае каде се наоѓа онаа колипка на земјата, во која се повлекоа човечките земни доблести.

Венко Андоновски за Нова Македонија

Поврзани вести

Back to top button