РелигијаТоп

Денеска се празнува Светиот маченик Арета, пострада за Христовата вера со уште над четири илјади христијани, свештеници, монаси и монахињи, граѓани, жени и деца

Светиот маченик Арета

Овој Свет маченик пострада за Христовата вера со уште над четири илјади христијани, свештеници, монаси и монахињи, граѓани, жени и деца. Арета беше градоуправител во градот Негран во земјата Омиритска (јужна Арабија) и имаше деведесет и пет години кога пострада. Со Омиритската земја тогаш владееше еден Евреин Дунаан, свиреп гонител на христијаните. Решен наполно да ги истреби христијаните од својата земја, тој го опколи христијанскиот град Негран и најпрво им порача на граѓаните дека ако не се одречат од Христа сите ќе ги убие. Граѓаните ги затворија портите, па Дунаан безуспешно напаѓаше на градските ѕидини. Тогаш беззакониот кнез им се заколна на граѓаните дека нема да им направи ништо, само ако му ги отворат портите за да влезе и да го собере данокот што му го должеа, па потоа веднаш ќе се оддалечи. Христијаните поверуваа и ги отворија портите. Тогаш кривоклетниот Евреин го повика кај себе старецот Арета со сите клирици и други угледни граѓани и сите ги уби со меч. А потоа направи страшен колеж по градот. Кога слушна за ова византискиот цар Јустин многу се нажали и му напиша писмо на етиопскиот цар Елезвој да појде со војска против Дунаан и да ја одмазди невината христијанска крв. Елезвој го послуша Јустин, удри со војска на омиритскиот кнез, го победи, му ја погуби целата војска, а него го уби со меч. За Омиритски кнез по Божјо откровение беше поставен некој побожен човек Аврамиј, а за архиепископ Омиритски, повторно по Божјо откровение Свети Григориј (под 19 декември). Христијаните во Негран го обновија храмот на Света Троица којшто Дунаан го беше изгорел и му подигнаа и посветија храм на Светиот маченик Арета и на останатите Негрански маченици. Пострадаа и примија маченички венци во 523 година.

Тропар
Блажен си ти, Арето, верен слуга на Бога Живиот, кому Спасителот му подари разум за умудрување на мнозина, со дела достојни за пофалба од Бога, измоли заштита за оние кои вкусија искушенија и заедно со тебе душата за Христа ја положија. Моли се о, великомачениче, иако од бури заплиснати, со благодатта Христова закрепнати, на секое искушение да одолееме, и Бога да го прославиме по твоите свети, о старче, молитви.

Свети Елезвој, цар Етиопски

Распален со ревност за Христовата вер овој благочестив цар крена војска против кнезот Дунаан, свирепиот мачител на христијаните во земјата Омиритска. Но во почетокот на војната немаше успех и многу од неговата војска пропадна во пустината. Тогаш тој горко плачеше пред Бога и вети дека ако Бог му помогне да го победи христијанскиот крвник тој ќе се замонаши. Откако го победи Дунаан, Елезвој се врати во Етиопија и веднаш го напушти царскиот дворец и стапи во манастир. Таму се подвизуваше како вистински монах цели петнаесет години. Бог му подари благодат на чудотворство пред и после смртта. Се упокои во 555 година.

Тропар
Ревноста твоја за верата Христова, жезол благодатен од небото измоли, со кој ги порази непријателите Господови, а молитвите твои на кои и ние денес се надеваме, ја осветлија душата твоја, о Елзвое, и со пустинска вода благодатна те напоија, тебе кој од цар земен, заради Христа сиромав стана и така Небесното Царство наследувајќи го.

Празник на иконата на Божјата Мајка „Радост на сите тажни“

Вака се нарекува една чудотворна икона на Пресвета Богородица. Се празнува по повод чудесното исцеление на Ефимија, сестра на патријархот Јоаким, коешто се случи во 1668 година во Москва. Ефимија имаше тешка рана на колкот, па бидејќи лекарите не можеа да ја излечат, таа падна да ? се моли со плач на Пресвета Богородица. И слушна глас: „Ефимија, оди во храмот на Преображението на мојот Син; таму е иконата „Радост на сите тажни“. Свештеникот нека се помоли пред таа икона и ќе оздравиш.“ Ефимија направи така и веднаш стана наполно здрава.

Тропар
Кон Богородица усрдно да притекнеме, ние грешните и смирените, и да припаднеме во покајание, повикувајќи од длабочината на душата: Помогни ни, Владичице, побрзај, смилувај се, зашто погинуваме од мноштвото прегрешенија наши, да не се враќаат празни твоите слуги, зашто Тебе за единствена надеж Те имаме.

Преподобен Арета Печерски

Се престави во 1190 година.

Тропар
Благодатта Господова по молитвите на Пресветата го најде патот до срцето твое, Арето, преподобен оче, и ти кој се разбуди од гревовниот сон на неопростувањето вознесе слава и пофалба на Господа, подавајќи и срце и душа во раце Негови. Оставајќи ни ја поуката за твоето преумување, моли се сега за нас од Небесните висини.

Преподобен Георгиј Карслидис

Преподобен Георгиј (со крштелно име Атанасиј) се родил во 1901 година, во понтиското село Аргируполис, Mала Азија, во семејство на благочестиви родители, но рано останал сирак. Го нарекувале дете-старец и од рана возраст ја пројавил својата љубов кон Бог. Уште на детска возраст, со само девет години, Георгиј стапил во манастирот „Живоносен извор“, крај Т’билиси, и таму израснал под покровителство на игуменот архимандрит Георгиј. Во 1919 година бил пострижен за монах со името Симеон. За време на комунистичкото гонење против Црквата, бил уапсен заедно со другите монаси од манастирот и бил осуден на стрелање, кое требало да се изврши точно на денот на Христовото Воскресение. Групата маченици биле врзани еден за друг на работ на длабока јама и биле стрелани. Три куршуми го погодиле телото на монахот Симеон, а оној што одел кон срцето рикошетирал од опковот на иконата што тој секогаш ја носел со себе. Заедно со сите стрелани и тој паднал во јамата. И покрај многуте рани, останал жив, бидејќи го покриле телата на другите осуденици. После ослободувањето од затвор бил пострижен во голема схима со името Георгиј, а во 1925 година бил ракоположен за ѓакон и презвитер, наспроти својата рана возраст. Потоа живеел во Сухуми, Ерменија, а во 1929 година се преселил во Грција и се населил во селото Сипса, недалеку од Драма. Таму основал манастир посветен на Вознесението Господово и бил негов игумен до крајот на својот живот. Старецот служел Света Литургија секој ден. Многу луѓе оделе при него за да добијат духовен совет и утеха. Преподобен Георгиј се претставил во 1959 година.

Поврзани вести

Back to top button