Свет

Американецот Стив Бенон го стресе Брисел – формира анти-ЕУ армија од десничари и евроскептици

Британската евроскептична партија на Најџел Фараж, УКИП, дала ветување дека ќе работи заедно со алтернативното десничарско европско движење на Стив Бенон.

Критичарите веќе рекоа дека станува збор за „мрачен сојуз“ кој има за цел да ја урне ЕУ и да го поттикне популизмот низ целиот континент.

Бенон, поранешен банкар и основач на веб страницата Брејтбарт вети дека ќе ја зајакне десницата во Европа преку новата фондација едноставно наречена Движење. Ресурсите ќе им бидат наменети на евроскпетиците и анти-ЕУ популистите.

Поранешниот шеф на пи-ар тимот на Доналд Трамп го стресе Брисел откако вети дека ќе ја зајакнува крајната десница преку формирање „супер група“ во Европскиот парламент по евроизборите во мај в година. Се прогнозира дека екстремната десница би освоила една третина од седиштата во ЕП.

Иако заради Брегзитот УКИП нема да учествува на изборите, портпаролот на партијата рече дека со проектот на Бенон ќе ги сподели своите искуства, притоа нагласувајќи дека десничарската група ќе има големо влијание врз европската политика и оти се „надева на нова армија евроскпетици во ЕП“.

Извори за Индепендент рекле дека Брисел е шокиран од потезите на Бенон и формирањето „несвета коалиција“, па тоа е една од причините за тактизирање и одложување на преговорите со Лондон за Брегзитот.

Инаку, Фондацијата на Бенон не е прва од американската десница која се интересира да интервенира во европската политика. Пред неколку недели амбасадорот на САД во Германија јавно коментираше дека негова работа е да ги зајакне десничарските движења во Европа.

Британските медиуми објавија дека седишето на Движењето на Бенон ќе биде во Брисел со персонал од десет вработени лица и тој ќе стане оперативен пред евроизборите. Неговите планови се дека Движењето ќе се шири доколку постигне успех на тие избори.

Поврзани вести

Back to top button