Избор на уредникотРелигија

Воскресение Христово

Воскресение Христово

Откако слугите на првосвештениците израилски го фатија Исус и Го предадоа на Пилат со барање да биде распнат, а Пилат за да им угоди конечно така и пресуди иако не Му најде вина, Господ пострада со смрт на Крст. Висеше меѓу двајца разбојници, од кои едниот Го похули а другиот Го прослави, спасувајќи се со ова себеси за живот вечен. Во оној страшен миг неговите ученици се разбегаа како што Самиот им предрече; освен апостолот Јован Заведеев и мајка Му под Крстот, малку подалеку стоеја и неколку жени коишто последните години Му служеа со своите имоти. Покрај Него тогаш немаше други, освен непријателите и минувачите во неверие. Евангелието подробно пишува за смртта. Потоа Јосиф од Ариматеја, кој Му беше ученик, се осмели и го побара од Пилат телото за да го погребе. Го положија во еден нов гроб којшто Јосиф го имаше скроено во карпа. Го затворија влезот со камен и заминаа. За воскресението дознаа во мугрите во неделата, кога оние верни жени појдоа со миризливи масла на гробот за да Го помазаат телото, кое не Го најдоа. Веста ја прими прва Марија Магдалина и побрза да им јави на апостолите и тие не ? поверуваа. Петар и Јован самите се стрчнаа до гробот и го најдоа каменот одвален, а од телото лежеа оставени само повоите. По ова, кога се собраа заедно во куќата, Исус им се јави и разбраа дека воскреснал. Но им го отвори умот и за да ги разбираат Писмата. Им се јави и на Лука и Клеопа додека одеа во Емаус, но не Го препознаа веднаш. Срцата им гореа на сите.

Тропар
Христос Воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи, и на оние во гробовите, живот им подари.

Кондак
Кога си слегол во гробот, Бесмртен, си ја разурнал адската сила, и си воскреснал како победител, Христе Боже, Кој на жените мироносици им благовести: Радувајте се! Кој им даруваш мир на Твоите апостоли, а на паднатите им даваш Воскресение.

Упокоение на Свети Методиј Солунски

Свети Методиј бил родум од Солун, од угледни и богати родители, Лав и Марија. Како офицер поминал десет години меѓу македонските словени. Потоа се оддалечил на гората Олимп и се предал на монашки подвиг. Овде подоцна му се придружил и неговиот брат свети Кирил (Константин). Но, кога хазарскиот цар Каган побарал од царот Михаил проповедници на верата во Христос, тогаш на заповед на царот биле пронајдени овие двајца браќа и биле испратени меѓу Хазарите. Откако го увериле Каган во верата Христова, тие го крстиле овој цар и голем број негови доглавници, и уште многуброен народ. По извесно време се вратиле во Цариград, каде што ја составиле словенската азбука од триесет и осум букви и почнале да ги преведуваат црковните книги од грчки на словенски. На повик од царот Ростислав заминале во Моравија и таму ја распространиле и ја утврдиле православната вера, па ги умножиле книгите и им ги дале на свештениците за да ја подучуваат младината. Подоцна, на повик од папата заминале за Рим, каде што Кирил се разболел и умрел, на 14/27 февруари 869 година. Тогаш Методиј се вратил во Моравија и до смртта се потрудил на утврдувањето на Христовата вера меѓу Словените. Во последните две години од својот живот свети Методиј, со помош на двајца свои ученици, го превел на словенски јазик целиот Стар Завет, освен Макавејските книги, како и Номоканонот (Правилата на Светите Отци) и светоотечките книги (Патерикот). Се упокоил во Господ на 6/19 април 885 година.

Тропар
Нам, кои го славиме светлото торжество на упокоението на Твојот светител Методија, Христе, дај ни ја Твојата милост одозгора, и скини ги веригите на бројните наши гревови, по неговото застапништво, Владико, и помилуј н?.

Кондак
Луѓе, сите ние да го воспееме божествениот и верен Методија, и со љубов да го прославиме како велик пастир на Словените, и чесен служител на Света Троица, и прогонител на ересите, бидејќи за сите нас се моли непрестајно.

Свети Евтихиј, патријарх Цариградски

Роден е во Фригија од благочестиви родители. Татко му беше офицер. Еднаш момчето Евтихиј се забавуваше со своите врсници, а нивната игра се состоеше во тоа што секој го запишуваше своето име на карпата и покрај името оној чин којшто според насетувањето ќе го добијат во животот. Кога дојде на ред Евтихиј, тој напиша: „Евтихиј патријархот“. Во неговата триесетта година стана игумен на еден амасиски манастир. А кога имаше четириесет години, амасискиот митрополит го испрати наместо себеси на Петтиот Вселенски Собор. На Соборот тој заблеска како пресветла ѕвезда меѓу отците на Црквата, како со својата ученост така и со благочестието. Кога настана препирка за тоа можат ли еретиците после смртта да бидат предадени на анатема, тој го застапуваше мислењето дека можат, повикувајќи се на 3 Книгата Царства 13, 1 – 8 и на 4 Книга Царства 23, 16. Многу му омиле на царот Јустинијан и на патријархот Мина. Царот често го прашуваше за совет, а Мина (кој во тоа време беше мошне богат) го назначи за свој наследник и го замоли царот тоа да биде спроведено и во дело. Така и беше. Свети Евтихиј мирно управуваше со Црквата дванаесет години. Но тогаш ѓаволот крена бура против него. Оваа бура го зафати и самиот цар Јустинијан. Имено, царот се опрелести и падна во монофизитската ерес на автартодокетите, која учеше дека Господ Исус и пред Воскресението имал Божествено и нераспадливо тело, без чувство за глад, жед и болка. Евтихиј одлучно стана против оваа ерес, заради што царот го протера во прогонство во неговиот прв манастир. Овде тој поживеа дванаесет години и осум месеци и се покажа голем чудотворец. Исцелуваше од разни болести со молитва и помазувајќи со елеј. Јустинијан се покаја и умре, а него го наследи Јустин, којшто го врати Евтихиј на патријаршискиот престол, на кој светителот остана до својата смрт мирно управувајќи со Црквата Божја. Во својата седумдесетта година, во 582 г. се пресели во Царството на Господ Христос, Кому верно и храбро Му служеше сиот свој живот.

Светите Сто и дваесет маченици коишто пострадаа во Персија

Кога персискиот цар Сапор ги ограби византиските земји, одведе во ропство сто и дваесет христијани. Откако залудно ги присилуваше да се одречат од Христа и да му се поклонат на огнот, ги фрли во оган и живи ги изгоре. Меѓу овие маченици имаше и девет девици посветени на Бога. Сите пострадаа чесно меѓу 344 и 347 година.

Поврзани вести

Back to top button