Свет

ВИДЕО: ИСИС нуди награда од 50.000 долари за Бугарин „ловец на емигранти“

Исламска држава нуди награда од 50.000 долари за главата на самопрогласениот „ловец на емигранти“ кој организира локални патроли за да ги ловат нелегалните азиланти на територијата на Бугарија, пренесува Дејли мејл.

29-годишниот Динко Валев користи две оклопни возила за патролирање на територијата кај градот Јамбол, во близина на границата со Турција.

Бугарската Државна агенција за национална безбедност го предупредила дека тој станал цел на терористите. Нивен агент тврди дека го има на листа на имиња за кои ИСИС нуди награда која би била исплатена кога ќе се покаже видео или фотографија од делото.

Информацијата за понудата на ИСИС ја имало на неколку исламистички интернет страници кои наводно се спонзорирани од терористички организации.

Валев е опишан како „водач на паравоена единица која оперира на бугарско-турската граница заедно со десетина други мажи“.

Се смета дека ИСИС дава награда за Валев затоа што сака да се претстави како заштитник на емигрантите од Блискиот Исток, особено на муслиманите, и се надева дека ќе регрутира дел од нив за терористички операции низ Европа.

Но, Валев тврди дека воопшто не е уплашен од заканата, па дури и постирал медиумски извештај за ова на својата интернет страница.

Претходно годинава Валев изјави дека ги смета сите нелегални емигранти за џихадисти и ги отфрли тврдењата дека ги мачи своите заробеници.

„Би го опишал ова како спортска активност. А спортот не можете да го окарактеризирате како насилство“, изјави тој.

Поврзани вести

Back to top button