Уште еден доказ дека СДСМ и ДПМНЕ се исти: Одбиен предлогот на Левица, функционерските плати остануваат зголемени за вртоглави 78 проценти
Функционерските плати остануваат зголемени за вртоглави 78 проценти. Од политичката партија соопштија дека е одбиен нивниот предлог, со кое би се намалиле платите на функционерите.
– На вчерашната Законодавно правна комисија едногласно беше одбиено Барањето поднесено од пратениците од Левица за автентично толкување на Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Републиката со кое би се намалиле платите на функционерите. Членот 11 од Законот за плата и другите надоместоци на избрани и именувани лица во Републиката е збунувачкиот член кој ги создаде сите недоумици после одлуката на Уставниот суд од месец март годинава, со која платите на функционерите се покачија за неверојатни 78%.
Цениме дека забуната е настаната со толкувањето на овој член, односно во ‘просечно исплатената месечна плата’. Имено, Министерството за финансии толкува дека тоа е БРУТО плата, додека ние мислиме дека граматичкото толкување треба да биде ‘просечната исплатена НЕТО плата по вработен’, бидејќи ако гледаме трудово-правно, исплаќањето на платата или платата која работникот ја носи дома е НЕТО платата, а не БРУТО платата.“
Како единствена политичка партија која потегна иницијатива за намалување на функционерските плати, сметаме дека е крајно лакомо и недозволиво во услови на растечка сиромаштија и зголемена класна раслоеност, функционерите да бидат привилегирани во однос на обичните граѓани.
Со одбивањето на оваа иницијатива на Левица, Власта повторно докажа дека работи исклучиво за својот личен интерес и дијаметрално спротивно на интересот на граѓаните, па така, функционерските плати остануваат зголемени за вртоглави 78%, се вели во соопштението на Левица.