Украински полицајци со автоматско оружје пукаат кон рој од дронови (ВИДЕО)
Украинската престолнина Киев и денеска беше мета на дронови камикази. Градот уште од изутрина беше нападнат со „шахид“ дронови од иранско производство, пришто одекнаа неколку експлозии во поширокото подрачје.
Во меѓувреме на социјалните мрежи се појави снимка на која се гледаат припадници на полицијата кои излегуваат од автомобил на еден мост и пукаат кон рој од дронови што се приближуваше. На снимката, наводно, се гледа дека полицајците успеале да соборат еден дрон кој падна на неколку десетици метри од нив.
Снимката ја објави советникот на министерот за внатрешни работи на Украина, Антон Герашченко кој по твитот напиша дека „им е потребна противвоздушна одбрана“.
Војници, полицајци, но и вооружени граѓани веќе осум дена се обидуваат од улица, низ прозорци или од покривите на куќите и зградите да ги соборуваат опасните летала кои можат да носат и до 50 килограми на експлозив, а неретко и успеваат во своите намери.