Македонија

Укината пресудата за убијците од Смилковско езеро – Постои можност да бидат ослободени

Врховниот суд ја укина пресудата за случајот „Монструм“.

Случајот „Монструм“ за петкратното убиство кај Смилковското Езеро се враќа на почеток. Ваква одлука донесе Врховниот суд на земјава. Оттаму информираа дека жалбите на одбраната се уважени, првостепената и второстепената пресуда се укинати и предметот се враќа во Кривичниот суд на повторно одлучување.

Претходно, обвинителката Лилјана Спасовска побара постапката да се врати од почеток поради пропусти во истрагата, поврзани со вештачењето и со прислушуваните материјали кои ги има СЈО.

Во овој случај, шестмина беа осудени на казна доживотен затвор под обвинение за тероризам.

Кај Смилковско Езеро на 12-ти април 2012-та година беа убиени 4 момчиња и еден рибар.

По денешната одлука на Врховниот суд да се укине првостепената и второстепената пресуда и случајот да се врати од почеток, дополнително во текот на наредната недела ќе се знае и дали обвинетите ќе излезат од притвор и ќе се бранат од слобода.

Како што појаснува претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски надлежноста да одлучува за притворот ја има Кривичниот суд. И, адвокатот Насер Рауфи вели дека кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 по службена должност ќе мора да се произнесе дали ќе се укине притворот за обвинетите.

„Очекувам да излезат на слобода или да им бидат одредени мерки на претпазливост бидејќи повеќе не постои правен основ истите да останат во притвор бидејќи поминаа две години од подигање на обвинител акт“ – изјави Рауфи.

Поврзани вести

Back to top button