Уапсени девет лица, силувале малолетничка и ширеле детска порнографија (ВИДЕО)
Поднесена е кривична против десет лица кои се сомничат за ширење на детска порнографија, трговија со дете, и злоупотреба на немоќно лице. Од овие десет лица како што соопштуваат од МВР, девет се веќе уапсени.
– Денеска (30.03.2023) Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Секторот за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во содејство со Секторите за внатрешни работи Велес, Скопје и Тетово, под раководство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал поднесе кривична пријава против 10 лица, за кои постојат основи на сомнение дека се инволвирани во извршување на кривични дела „трговија со дете“, „производство и дистрибуција на детска порнографија“ и „полова злоупотреба на немоќно лице“.
Кривична пријава е поднесена против лицата Д.П.Т.(23), А.З.(25), Р.А.(27), Т.Л.(26), С.Н.(25), сите од Велес и Р.В.(21) од Скопје за трговија со дете, А.Ф.(22). и Б.Ф.(27) двајцата од Велес за сторено кривично дело сексуална злоупотреба и К.Б.(31) од Велес и Б.П.(31) од Тетово за изготвување детска порнографија.
По преземени понатамошни мерки и активности од страна на НЕСКМТЛ во содејство со надлежното ОЈО за ГОКК, утврдени се и други лица, на кои се однесува денешната кривична пријава, за кои постојат основи на сомнение дека се инволвирани во извршување на кривичните дела.
Врз основа на издадени наредби од Судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје, на подрачјето на Велес, Тетово и Скопје извршени се претреси во дом и други простории кај пријавените лица, при што девет лица се лишени од слобода, а по едно лице, кое се наоѓа надвор од државата, се трага. Од извршените претреси пронајдени и привремено одземени се мобилни телефонски апарати, марихуана, гасен пиштол и други предмети кои се предмет на кривично дело, соопшти МВР.
Ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесници ќе ја попречат истрагата, како и стравот ако се бранат од слобода дека ќе го повторат делото, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување на мерка притвор за осуммина осомничени и мерки на претпазливост за две лица осомничени за производство и дистрибуција на детска порнографија.
За кривичните дела Трговија со дете и Полова злоупотреба на немоќно лице предвидени се затворски казни од најмалку 8 години, додека за кривично дело Производство и дистрибуција на детска порнографија затворска казна од 3 до 5 години.