Tензии на судењето „Монструм“: Судиите опоменуваат за казни, родителите велат „и онака сме казнети со убиството на нашите деца“
Поради тензии и расправија за време на сведочењето на поранешната министерка Гордана Јанкулоска судиите во постапката за „Монструм“ дадоа пауза од 15-тина минути. Кавга во судница настана помеѓу обвинетите, нивните адвокати, обвинителката Фатиме Фетаи, а на ова се надоврзаа и родителите на убиените момчиња, за на крајот да мораа да реагираат и судиите со опомена дека доколку не се смири тензијата, согласно законот судот ќе мора да казнува, пишува мкд.мк.
По серијата прашања од обвинителката и одбраната, прашање имаше и обвинетиот Фејзи Азири. Тој Јанкулоска ја прашуваше дали се сеќава на разговор направен неколку дена по петкратното убиство со тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и околу тоа од каде таа знае за вештачење кое, како што тврди обвинетиот, не било изготвено, а се однесува на трагите од земјата на гумите на автомобилот „опел омега“. На барање на обвинетиот Азири кој упорно ја прашуваше Јанкулоска за овие разговори судот и обвинителите почнаа да ги листаат обемните папки со докази, за на крајот да го најдат транскриптот од овој разговор и да го прочитаат пред присутните во судница. Во разговорот Јанкулоска го информира Јанакиески дека немале потежок случај за работење од овој, мислејќи на петкратното убиство, а Миле ѝ возвраќа дека му дошла идеја да се провери дали автомобилот можеби е земен од плацот на Агенцијата за одземен имот.
Јанкулоска му возвраќа дека сознанијата околу колата се чисти и дека потребно е само да им се каже случајно ако некој полнел гориво и застанал на некоја бензинска пумпа дали платил со кеш или картичка и оттука да се добие некоја информација. Настојувањето на обвинетиот Азири беше Јанкулоска да каже како дошла до таа информација. Обвинетиот Азири беше упорен и праша: „Од кај знае она чива е колата и дали таа кола била таму на местото?“.
На ова реагираше Фетаи и посочи дека можеби треба бегалците Агим и Африм да се прашаат како дошле до колата. Обвинетиот Азири не отстапи од неговото право да поставува прашања и продолжи со серија прашања, овој пат за други вештачења. Неговото тврдење беше дека Јанкулоска ги знаела резултатите од вештачењата на земјата најдена на гумите уште пред тоа да биде изготвено, повикувајќи се на датуми од доказниот материјал за „Монструм“.
Поранешната министерка во неколку наврати се обиде да му објасни дека не може конкретно да се сети на датуми, дека тоа што ѝ е дадено како информација е претходно проверено од стручни лица, дека до министерот за внатрешни работи не стигаат извештаи, туку само информации кои подоцна не мора да значи дека сите се точни.
На серијата прашања реагираа обвинителите со укажување до судот дека обвинетиот на некој начин го малтретира сведокот. На ова реагираа адвокатите на обвинетите дека судот прво треба да ја опомене Фетаи која ги посочува двајцата обвинети како веќе осудени, иако за нив во моментов нема правосилна пресуда. Реагираше и Фетаи, образложувајќи им на адвокатите дека таа е тука во судница бидејќи има поднесено обвинение против тие лица и стои на ставот дека тие се сторителите. Адвокатите Насер Рауфи и Асмир Алиспаиќ ѝ возвратија дека не ја почитува пресумпцијата на невиност и дека за овие лица Врховниот суд веќе еднаш ја укинал пресудата. На ова реагираше Горан Наќевски, татко на убиениот Александар кој гласно извика дека пресудата ја укинале од ДУИ и дека адвокатот Насер лаже.
Адвокатот Рауфи ѝ рече на Фетаи дека не треба да вика хистерично во судот, укажувајќи ѝ дека повеќе не специјален јавен обвинител.
Кавгата и тензијата во судница се обидоа да ја смират судиите Осман Шабани и Огнен Ставрев. Судијата Шабани ги замоли родителите да се смират и да не дофрлуваат, бидејќи ќе биде приморан да ги казни.
„Ве молам немојте да дофрлувате од место, бидете трпеливи, бидејќи на овој начин ни отежнувате и на нас. Ние овде се потиме за да дојдеме до вистината и ако така продолжите да се однесувате, ќе морам да ве казнам“, рече Шабани.
На ова родителите беа едногласни дека тие и онака се веќе казнети со загубата на нивните деца.
Повеќе на МКД.мк