Старец ангажирал тројца малолетници да ограбат хендикепирана скопјанка, и одзеле 30.000 денари со кои требало да купи лекови
74-годишно лице искористило три деца за да извршат кражба на хендикепирана жена. Тие и ги одзеле парите кои нејзината ќерка и ги оставила за лекови.
– Осомничениот делото го сторил во соизвршителство со три деца на возраст од 15, 13 и 17 години за кои ќе се води постапка во согласност со Законот за правда на децата.
Сите заедно со употреба на сила врз една оштетена одзеле од неа парични средства во износ од 30.000 денари.
Кога осомничениот добил сознанија дека жртвата – лице со хендикеп и ограничено движење добила парични средства од ќерка ѝ за да купи лекови, тој ги договорил трите деца и со автомобилот ги донел во близина на нејзината куќа на улицата Патрис Лумуба во Скопје.
На едно од децата му дал чекан во раката, им дал усни насоки како да го извршат делото и им го кажал местото на кое жртвата ги чува парите. Трите деца влегле во домот преку вратата, која возрасниот осомничен претходно ја оставил отклучена употребувајќи го клучот што оштетената му го доверила. Кога ја пресретнале жртвата, едно од децата ѝ ја затворило устата, а другите две ѝ ги држеле рацете. Ѝ го одзеле паричникот во која ги чувала парите и веднаш избегале со возилото во кое ги чекал осомничениот, соопштуваат од полицијата.
За осомничениот од страна на јавен обвинител е побаран притвор, поради можност да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците и соучесниците и опасност осомничениот да го повтори кривичното дело.