Што остана од галијата во Скопје, ја рушеа два градоначалници не ја уништи ни пожар (ФОТО)
Во галијата која требаше да биде отстранета уште пред две години пред два дена избувна пожар. Поточно на 19-ти овој месец утрото било пријавено дека на подрачјето на Центар настанал пожар на објект – брод, сопственост на Град Скопје.
Пожарот бил изгаснат од страна на Бригадата за противпожарна заштита. Повредени лица нема, а увид врши увидна екипа од СВР Скопје.
Пожарот изгаснат а галијата остана да стои како руина која како споменик на апсурдот стои спроти хотелот Холидеј ин во строгиот центар за да ги чуди жителите на скопје но и сите странски и домашни посетители на град Скопје.
Уривањето на галијата почна уште 2021 година во април. А на почетокот на нејзиното уривање присуствуваше дури и тогашниот Градоначалник Петре Шилегов.
– Со ова, како континуитет на политиките што јас ги креирам како градоначалник, започнуваме со поизразено расчистување со криминалниот и подмолниот проект „Скопје 2014“. Овие галии не се само надвор од здравата естетика, тие се и опасност за граѓаните на Скопје, имајќи предвид дека сите анализи што ги направи Градот од една страна, но и според студијата на УНДП, зборуваат дека галиите во коритото на реката Вардар претставуваат сериозна опасност од поплави, рече градоначалникот Шилегов.
Но ко за чудо галијата го надживеаа мандатот на Шилегов, тој замина од функција галијата остана. Неа продолжи да ја руши Данела Арсовска новата градоначалничка на Скопје, но галијата не е срушена.
Потсетуваме дека овие галии се дел од проектот Скопје 2014 а за нивно отстранување е одлучено по студијата за намалување на ризикот од потонување, изготвена од УНДП, заедно со Град Скопје и ЦУК, каде се вели дека во Вардар не треба да се прават насипи, пречки и други објекти бидејќи го намалуваат нивото на текот на реката.
Па така не може а да не се запрашаме колкава е способноста на нашите сегашни и некогашни градоначалници и што можат тие да направат ако по се изгледа не се способни една галија да срушат.