Се појави мистериозен „брод на духови“ што 9 години бил загубен на море (ФОТО)
Откако скоро една деценија бил загубен на море, „Сам Ратуланги ПБ 1600“ неделава конечно допловил на околу 11 километри од брегот на селото Тама Сеита.
Рибарите се качиле и го прегледале бродот откако го пријавиле кај локалните власти. Тимови од морнарицата, крајбрежната стража и полицијата потоа го пребарале напуштениот брод, кој, наводно, има импресивни 177,35 метри во должина, 27,91 метри во ширина и тежи 26.510 тони.
„На бродот не најдовме ни екипаж ни товар. Многу нè збуни појавата на таков голем брод во нашите води“, рече Не Вин Јангон, локален пратеник во околната општина Тонгва, пренесе Мјанмар тајмс. „Властите го држат на око“.
Се вели дека бродот пловел под знамето на Индонезија и последен пат бил забележан кај Тајван во 2009 година.
„Според мое мислење, бродот е напуштен неодамна. Мора да постои причина (зошто е напуштен)“, рече Аунг Кјо Лен, генерален секретар на Независната федерација на морнари на Мјанмар.
Одделот за морска управа во Мјанмар се обидува да го пронајде сопственикот на бродот, но може да биде принуден да го спасува самиот брод, пишува Иравади.