Путин: Ова е забивање нож в грб, одговорот ќе биде жесток
Рускиот претседател Владимир Путин во вонредното телевизиско обраќање рече дека „вооружениот бунт“ е еднаков на предавство и дека секој што ќе земе оружје против руската војска ќе биде казнет. Путин рече дека ова е криминален чин и дека Русија ќе се брани. Истовремено во Москва стапија на сила антитерористички мерки.
-Ова е еднакво на вооружен бунт, Русија ќе се брани. Ова е обид да не нападнат одвнатре, ова е предавство, рече рускиот претседателот Путин на почетокот на своето обраќање, додавајќи дека Русија се бори за животот и безбедноста на граѓаните на Федерацијата.
Како што рече, секој конфликт мора да биде отфрлен за време на специјална воена операција.
-Ситуацијата околу Ростов е многу комплицирана. Ние правиме се за да го одбиеме овој напад. Ова е нож во грб за нас. Тие што се побунија ја предадоа Русија и ги повикувам сите вклучени во таа акција да престанат со секое учество во вооружен конфликт, рече рускиот претседател.
Тој јасно кажа дека е издадена наредба за неутрализирање на сите кои го организирале овој бунт, јави ДПА.
-Ќе се спротивставиме на искушенијата и предизвиците. Ќе бидеме посилни од порано, рече претседателот на Русија.
Путин порача дека оние кои ја делат Русија и нејзините граѓани неизбежно ќе бидат казнети, пренесе ДПА.
Тој додаде дека во Москва и во неколку соседни региони се во сила антитерористички мерки, но, исто така, нагласи дека мора да се избегне каков било конфликт за време на специјална воена операција.
Во обраќањето до нацијата тој кажа дека Русија води тешка битка за иднината и дека целата „воена и информатичка технологија на Западот е против Русија“.
Путин обраќањето го одржа откако е покренат степенот на безбедност низ целата земја поради бунтот на војниците на групата „Вагнер“, под контрола на Евгениј Пригожин, кои влегоа и го зазедоа градот и сите воени објекти во Ростов на Дон, по неговото обвинување дека руската армија ги „уништува“ неговите борци.
Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин воведе „антитерористички мерки“ во главниот град на Русија, поради ескалацијата на конфликтот меѓу руската војска и платениците на Вагнер. Собјанин на својот канал Телеграм напиша дека на улиците веќе е воведена зголемена контрола на сообраќајот.
Како резултат на добиените информации, во Москва се спроведуваат антитерористички мерки за зајакнување на безбедноста, напиша Собјанин.
Тој побара разбирање од повеќе од 13 милиони жители на метрополата. За зголемените безбедносни мерки на Телеграм напиша и гувернерот на Московската област Андреј Воробјов.