Протуѓер, Божиноски и Османи имаат нешто заедничко, нивните сопруги работат во АЕК, платата над илјада евра
Кога станува збор за „вдомување“ на роднините на функционерите, нема несогласувања по партиска или политичка линија, а пример за ова е Агенцијата за електронски комуникации, која се полни со работен кадар составен од роднини на функционери од сите партии и без разлика на тоа дали се на власт или во опозиција, пишува Радио Слободна Европа (РСЕ).
Сопруги, ќерки и синови на сегашни и поранешни функционери, како и поранешна пратеничка, се дел од 150-те вработени во Агенцијата за електронски комуникации. Во изминативе четири години, бројот на вработени во оваа институција е зголемен за нови 20 луѓе.
Сопругата на министерот за надворешни Бујар Османи, Валбона Хаџи Османи е вработена во АЕК како советник за меѓународна соработка, потврдуваат од АЕК. Министерот Османи за Радио Слободна Европа вели дека неговата сопруга е вработена во АЕК пред четири години. Османи во јуни 2017 година е назначен за заменик-претседател на Владата задолжен за европски прашања. Неговата сопруга е вработена во февруари 2018 година. Директор на АЕК е негов сопартиец, Јетон Акику, кој на таа функција беше именуван во декември 2020 година.
Покрај неа, на списокот се и сопругите на поранешните генерални секретари на минатата влада, Мартин Протуѓер и Кирил Божиновски, Христина Протоѓер и Кристина Божиновска. Едната како соработник за човечки ресурси, другата како раководител на сектор за регулатива. За нив Антикорупциската комисија ги затвори предметите, откако по нивно разгледување во 2019 утврди дека не е надлежна. Причината беше тоа што во периодот кога се отворени тие предмети, нивните сопружници повеќе не беа на фунција.
Меѓу нововработените е и Ѓоко Бухов, син на довчерашната директорка на Државниот здравствен инспекторат Иринка Сотирова Бухова, како помлад соработник за човечки ресурси. Таа за РСЕ одговори дека нејзиниот син е вработен во АЕК лани, откако конкурирал на оглас. Претходно конкурирал за работа во АД „Водостопанство“ и приватната фирма „Лука Мобил“, но не бил примен. Од АЕК велат дека неговиот прв договор на определено време од една година бил склучен во април 2021, и годинава е продолжен на уште една година.
Но, оттаму не одговорија на прашањето зошто во оваа институција се вработени роднини и блиски на сегашни и поранешни функционери.
Меѓу претходно вработените е Бојана Стефановска, ќерка на Елена Гошева, која беше претседателка на Уставниот суд во периодот од 2013 до 2016 година, а за чие вработување имаше отворен предмет во Антикорупциската комисија во 2019 година, но тој беше затворен затоа што нејзината мајка повеќе не е на функција.
Меѓу вработените во АЕК е и сестрата на Андреј Лепавцов, македонски амбасадор во 2011 година во ЕУ. Драгица Лепавцова е раководителка во Службата за меѓународна соработка. И сопругата на поранешниот уредник на ТВ Сител, Драган Павловиќ Латас, Марија, е вработена во АЕК како советник во службата за логистика. Латас важеше за новинар близок со поранешната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, потсетува РСЕ.
Во годинешниот буџет на Агенцијата, вкупно 1,8 милиони евра се предвидени за нето износ на плати, што значи дека во просек вработените во оваа агенција добиваат илјада евра плата. Поранешен вработен во Агенцијата, кој побара да остане анонимен, изјави дека основна плата на директорот е 90 илјади денари, додека неговите советници во кабинетот добиваат по најмалку 75 илјади денари.