Професорите и студентите протестираат: Бараат државата да им обезбеди иднина, инаку ќе си одат
Средства за реновирање и опремување на студентските лабoратории, средства за финансирање на научно-истражувачки проекти, како и итно одобрување на барањата за вработување на млади соработници, ова се барањата на професорите и студентите на Институтот за хемија, кои денеска излегоа на протест.
Со 30 минутна пауза од предавањата, професорите заедно со десетици студенти побараа подобри услови за студирање, изразувајќи незадоволство од условите за работа и студирање, за кои велат, се резултат на лошата поддршка и политики во високото образование во последните дваесетина години.
„Вработените на институтот со години наназад вложуваа големи напори за амортизација на континуираното влошување на состојбите, истовремено укажувајќи на проблемите и правеа напори за нивно решавање. Беа упатувани барања до надлежните за добивање согласност за вработување на млади соработници, за вложување во подобрување на материјалните услови и поддршка на научноистражувачката дејност, но одговор немаше“, вели проф. д-р Марина Стефова раководителка на Институтот за хемија при природно-математичкиот факултет.
Дипломираниот хемиски инженер Мирјана Саздовска вели дека не сака да си оди од државата, но напоменува дека доколку нешто не се смени, студентите ќе бидат приморани да заминат во потрага по подобри услови.
„Кадарот, знаењето кое го добиваме на овој институт е навистина на високо ниво. Меѓутоа проблем е тоа што ние тоа знаење не можеме практично да го прикажеме било каде. Заради тоа што немаме можност за тоа… Технологијата, науката се во постојан подем, меѓутоа тоа што ние немаме начин да ги прикажеме сите работи што ги стекнуваме, сите работи што ги стекнуваме тука, целото знаење, да го искажеме е многу тешко, за сите студенти на овој факултет“, вели Саздовска.
Студентката Кристина Тришеска по аналитичка биохемија правејќи разлика помеѓу условите за студирање во државава и на странските универзитети вели дека се забележува значителна разлика, а наставата се изведува на високо ниво.
„Она што недостасува е модернизирање на самите иструменти, нашите лаборатории, и тоа кон што се стремиме, за во однос на практичната настава да бидеме на ниво на европските унвиерзитети“, вели Тришеска.
Студентите и професорите истовремено укажаа дека е потребно итно реновирање и на зградата на Институтот за хемија.
Организаторите соопштија дека вработените и студентите на Институтот за хемија ќе продолжат вредно да работат на своето усовршување, но ќе инсистираат на обезбедување услови за студирањето хемија и научните истражувања. Додаваат дека нивните барања се остварливи со соодветна поддршка од државата, за која велат дека треба да и е врвен приоритет квалитетното образование и наука, без оглед на политичката состојба и гарнитура на власт.
Мартин Колоски за РАДИО МОФ