ЖивотИзбор на уредникот

Продавале отпад за да му купат трицикл на другарче со церебрална парализа

Десетгодишниот Алекса Кукуљ, ученик во четврто одделение во Основното училиште „Жарко Зрењанин“ од Качарево, Србија, во петокот првпат на училиште пристигна со својот нов трицикл. Алекса боледува од церебрална парализа и тешко се движи, а трициклот му го купиле неговите другари, ученици кои до пари дошле собирајќи отпад.

Целата акција ја водела учителката Бранка Давидовиќ, која е веќе позната по слични акции. Со години наназад нејзините ученици освојуваат награди за разни проекти поврзани со собирање отпад и заштита на животната средина.

Учителката и учениците учествувале во акцијата „Собери и заштеди – вреди“, но не успеале да победат.

– Четврта година учествувавме во натпреварувањето на кое може да се освои награда од 150.000 динари за најголема количина собран отпад. Бидејќи секогаш победувавме, имавме идеја да му купиме трицикл на нашиот другар од одделението, но не победивме. Сепак, со продажбата на отпадот ги заработивме парите што ни беа потребни за купување на трициклот – вели Давидовиќ.

Алекса многу го сака трициклот. Имено, неговите другари оваа година ќе одат на велосипедијада, која е организирана од страна на училиштето во Качарево, а поради болеста, тој не е во можност да учествува во овие акции. Со трициклот ќе се обиде да им се придружи.

– Не знаеме дали ќе успее да вози со велосипедистите до Црепаја, каде што одиме, но трициклот сигурно ќе му овозможи полесно да доаѓа на училиште – објаснува учителката.

Алекса е пресреќен поради новиот трицикл и вели дека му е многу мило што неговите другари мислеле на него.

– Ова многу му значи на Алекса. Тој многу ги сака своите другари. Кога дозна дека ќе го добие овој подарок, беше неописливо среќен – вели Бранка Кукуљ, мајката на Алекса.

По овој повод, во дворот на училиштето учениците организирале и мала свеченост, а малите деца го дочекале Алекса дувајќи балончиња од сапуница. На сите страни можела да се почувствува убава енергија. А сѐ започнало од собирање отпад.

Поврзани вести

Back to top button