Uncategorized

Православни светители кои се празнуваат денес

Осветувањето на храмот на Христовото Воскресение

Кога Светата царица Елена го најде Господовиот Крст во Ерусалим, во таа прилика се задржа подолго во овој Свет град и изгради цркви во Гетсиманија, во Витлеем, на Елеонската Гора, како и на други прославени места од овоземниот живот и подвиг на Исус Христос. А на Голгота, каде што и го пронајде Чесниот Крст, започна да гради огромна црква под чијшто покрив се наоѓаше и самата Черепница каде што беше распнат Господ, како и местото каде што Го погребаа. Светата царица сакаше под едно место да ги соедини местото на Неговото страдање и местото на Неговата слава. Но Елена се престави кај Господ пред да биде завршен овој величествен храм. Кога го завршија храмот, токму таа година Константин ја празнуваше триесетгодишнината од своето царување. И така и осветувањето на храмот и прославувањето на царскиот јубилеј беа прогласени за истиот ден, 13 септември, 335 година. Во тоа време во Тир заседаваше помесниот собор на епископите. И овие епископи, како и мнозина други, притекнаа во Ерусалим на торжественото осветување на храмот на Воскресението Господово. И тогаш се востанови тој ден, како ден на победа и триумф на Христовата Црква, да се споменува празнично секоја година.

Светиот свештеномаченик Корнилиј стотникот

Римјанин и римски офицер во Кесарија Палестинска. Крстен од апостолот Петар, според небесно откровение (Дела 10, 1). Беше прв од незнабожците што ѝ пристапија на Божјата Црква. Дотогаш некои мислеа дека Црквата Христова е само за Евреите и за оние што го примаат еврејското обрезание. Откако се крсти, Корнилиј остави с ѐ и тргна по апостолот Петар. Овој апостол подоцна го постави за епсикоп и го испрати во незнабожечкиот град Скипсеосис, каде што Свети Корнилиј претрпе многу бесчестења и мачења заради Христа, но со сила Божја го урна храмот на Аполон и го крсти кнезот на тој град, Димитриј, и двесте седумдесет и седуммина нензабожци. Откако беше известен од Бога за денот на својата смрт, тој ги повика сите христијани, ги посоветува, се помоли на Бога за нив, и мирно се престави кај Господ во својата чесна старост. Со време го заборавија неговиот гроб и стана запуштен. Но светителот му се јави на Троадскиот епископ Силуан и му јави за својот гроб, со заповед таму да подигне црква. Епископот го изврши тоа со помош на богатиот граѓанин Евгениј. Од моштите на Свети Корнилиј се извршија многубројни чуда.

Светите маченици Макровиј и Гордијан

Од Пафлагонија. Најпрво беа царски трапезници, но кога се објавија како христијани, царот ги протера во Скитија, каде што беа фрлени во оган, во местото Нов Дунавец, во 320 година.

Светата маченичка Кетевана

Царица Кехетинска. Пострада како христијанка од шахот Абас I, во 1624 година. На заповед на шахот, на главата ѝ ставија усвитен котел. Нејзиниот син Тејмураз, цар грузиски, ги положи нејзините мошти под престолот на храмот Аливердски во Грузија.

Преподобен Еротеј

Родум од Пелопонез, од селото Каламат. Се подвизуваше во Иверскиот манастир на Света Гора. Се одликуваше и со голема светска ученост и со строг монашки подвиг. Се грижеше да го исполни монашкото правило на Свети Арсениј: во текот на дваесет и четири часа на монахот му е доволен еден час спиење. Се упокои на островот Јура во 1745 година. Неговите мошти се чудотворни. Од нив се чува главата во Иверскиот манастир. Од допирот на светите мошти на преподобен Еротеј една жена во Цариград прогледала.

Поврзани вести

Back to top button