Православни светители кои се празнуваат денес
Светите маченички Минодора, Митродора и Нимфодора
Трите се родени сестри од некое место во Витинија Азиска. Воспитани во хрситијански дух, се повлекоа од градот во пустината, сакајќи да го воздигнат својот ум кон Бога и да се ослободат од сиот лажлив свет и така да го проживеат овој век во чистота и девственост, како вистински невести Христови. Се предадоа на голем труд, пост и молитва, додека Бог не ги украси со дар на чудотворство. Кога почнаа кај нив да доаѓаат болни заради исцеленија, станаа прочуени наспроти нивната волја. Слушна за нив и кнезот Фронтон и ги довлече на суд. Кога ги виде, се зачуди од убавината на нивните лица. Бидејќи иако беа големи испоснички, и телото им беше суво, лицето им беше светло, озарено со внатрешен мир и Божествена благодат. Кнезот најпрво им ласкаше и им ветуваше да ги испрати кај царот којшто би ги омажли за свои големци, но кога се увери дека неговите ласкања и ветувања немаат никакво дејство врз овие невести на Господ Исус Христос, нареди, па прво ја мачеа Минодора, а нејзините сестри ги фрлија во затвор. После лутите маки кнезот ѝ свика на Минодора: „Принеси им жртва на боговите!“ На ова Светата маченичка одговори: „Зар не гледаш дека ништо друго и не правам туку самата себеси Му се принесувам на жртва на мојот Бог?“ Кога Света Минодора издивна во маки, тогаш кнезот ги изведе и останатите две сестри и ги постави покрај мртвото тело на Минодора, па покажувајќи на неа ги советуваше да се одречат од Христа. Но бидејќи останаа непоколебливи и нив ги уби во големи маки. Во тој миг удри гром од небото и го погуби бездушниот Фронтон со неговите слуги. Христијаните чесно ги погребаа телата на Светите маченички. Пострадаа меѓу 305 и 311 година во времето на Максимијан Галериј и се упокоија во Христовото Царство.
Светата царица Пулхерија
Ќерка на царот Аркадиј. Се заветуваше вечно да живее во девственост и во знак на својот завет во соборната црква подигна Чесна Трпеза од злато и скапоцени камења. Соцаруваше со својот брат Теодосиј Помладиот. Голема ревнителка за христијанската вера. На нејзино настојување е свикан Третиот Вселенски Собор во Ефес, којшто ја осуди Несториевата ерес. Таа ја изгради прочуената црква на Пресвета Богородица во Влахерна во Цариград. По смртта на Теодосиј се венча со новоизбраниот цар Маркијан, но живееше со него како со брат. Таа ги пронајде моштите на Светите четириесет Севастиски маченици. Се упокои во Господ на 10 септември, во педесет и петтата година од животот.
Свети Аполос, Лукиј и Климент
Апостоли од Седумдесеттемина. Аполос (Дела 18, 24 – 25), беше епископ во Смирна, пред Св. Поликарп. Свети Лукиј (Рим. 16, 21) беше епископ во Лаодикија. Свети Климент во Сардика.
Свети три жени
Една цариградска благородничка и нејзините две слугинки. Заедно ја презреа суетата на светот и се повлекоа во осамеништво. После подвиг од единаесет години, се упокоија во Господ.
Старец Тихон Светогорец
Отец Тихон, во светот Тимотеј Голегов, се родил во Русија, во 1884 година. Родителите му биле побожни: за мајка му Елена се зборувало дека е света; постојано се молела и имала дар на солзи. Уште од мал сакал да ги посетува манастирите и со нетрпение го очекувал Божјиот благослов да го напушти светот, бидејќи ништо видливо не го задоволувало, туку копнеел за небесната вечност и неминливата радост. Како млад заминал на Света Гора, а по една година го потстрижале во монах со името Тихон, во чест на свети Тихон Задонски. Пет години се подвизувал во „Белозерка“, учејќи се на послушание, молитва и мудрост од благодатните отци. Но, љубовта кон тишината го однела во суровата пустина. Откако добил благослов, отец Тихон отишол во местото кое се нарекува Каруља, каде што петнаесет години живеел во пештера. Неговиот подвиг навистина бил голем: се хранел само со двопек, и тоа еднаш во три дена, често и еднаш неделно, а ноќе правел повеќе од 600 метании. За време на Светата Литургија се преобразувал. Се случувало наутро да ја почне службата, а да заврши на стемнување. За време на проскомидијата со часови читал имиња за на крајот да заврши со зборовите: „Господи, спомни си за целиот свет“. Велел дека верникот треба 24 часа да се подготвува за Светата Причест. Постојано ја практикувал умно-срдечната молитва. На Света Гора живеел шеесет години. Се упокоил на 10/23 септември 1968 година. Самиот си го направил надгробниот крст и предвреме на него напишал: „Грешниот Тихон, јеромонах, 60 години на Света Гора. Слава Ти, Боже“.
Свети Потин Лионски
Свештеномаченикот Потин бил првиот епископ на градот Лион. За неговиот живот, за жал, многу малку се знае. Се смета дека се родил некаде околу 85 година, најверојатно во Мала Азија. Бил ученик на Поликарп Смирнски, кој, пак, бил ученик на светиот апостол и евангелист Јован Богослов. Светиот Поликарп Смирнски го испратил свети Потин од Мала Азија во Галија (денешна Франција). Пристигнал во Лугдунум (Лион) околу 140 година и станал прв епископ во Галија, каде што го проповедал Евангелието. Со своите проповеди успеал да покрсти мнозина незнабошци во христијанството. Но, во 177 година, за време на владеењето на римскиот император Марко Аврелиј, повторно почнале гонењата на христијаните. Во Галија, во Лугдунум и во соседната Виена биле заробени стотици христијани. Меѓу нив бил и 90-годишниот епископ Лионски Потин, кого на раце го одвеле во затвор, бидејќи бил мошне стар. Проконзулот го запрашал: „Кој е христијанскиот Бог?“ Старецот Потин му одговорил: „Ќе дознаеш ако се удостоиш за тоа“. Незнабошците навалиле на него со стапови и камења, и безмилосно го тепале. Го фрлиле во затвор, каде што од ударите за два дена се упокоил и се преселил во Царството Небесно, подготвено за оние што Го љубат Бог. Неговиот свет спомен Православната Црква го прославува на 05/23 септември.