МакедонијаРелигија

Православни светители кои се празнуваат денес

Светиот свештеномаченик Доротеј, епископ Тирски

Епископ Тирски од времето на Диоклецијан па с ѐ до времето на Јулијан Отстапник, кога беше намачен и пострада за Православната Вера. На земјата живееше сто и седум години и откако Му угоди на Бога, во 361 година се пресели во вечниот живот. Беше навистина многу учен маж. Напиша многубројни поучни дела на грчки и на латински. Особено се прочуени неговите грчко-латински „Синтагми“.

Преподобен Теодор Пустиник

Чудотворец. Си го очисти духот со долгогодишен подвиг во Јорданската пустина и од Бога доби дар на чудотворство. Кога патуваше на кораб кон Цариград, му се случи коработ да залута и снема вода за пиење. Бидејќи патниците на коработ од жед беа веќе близу до смртта, Теодор ги крена рацете кон небото, Му се помоли на Бога и со знакот на Крстот ја прекрсти морската вода. Потоа им рече на морнарите да зафатат од морето и да пијат, а кога пиеја водата беше вкусна и питка. Бидејќи сите почнаа да му се поклонуваат, Теодор ги молеше да не му благодарат нему, туку на Бога Којшто им го направи чудото заради Своето неизмерно човекољубие. Мирно се упокои во 583 година.

Преподобен Анувиј

Еден од големите мисирски монаси. Многу пострада за вистинската вера. Кога пред смртта го посетија тројца старци пустиници, тој бидејќи проѕорлив, им ги откри тајните на нивните срца. Се упокои во мир во втората половина на 5 век.

Блажениот Игор, кнез Черниговски и Киевски

Гонет од своите роднини, го напушти светот и се замонаши. Киевјаните, незадоволни од династијата Олгович, посакаа да ја истребат. Јурнаа на манастирот, го фатија невиниот и младиот схимник Игор и го убија. За ова злосторство многу беди ги снајдоа киевјаните. А на гробот на блажениот видоа свеќи коишто се запалија сами од себе, и тоа неколкупати. Над црквата каде што беше погребан се гледаше огнен столб. Ова се случи во 1147 година.

Поврзани вести

Back to top button