Помошта од семејствата од странство нема да се оданочува
Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека предмет на оданочување ќе бидат приходите, а не дотациите и донациите што се испраќаат од странство.
Тој одговараше на новинарско прашање по лавината реакции на јавноста по веста дека Управата за јавни приходи (УЈП) ќе има 24 часовен пристап до приватните банкарски сметки на граѓаните.
-Се работи за процес кој е финансиран од ЕУ се работи за правото на државата да ги наплати даноците од приходи на граѓаните. Државата нема намера да навлегува во тоа како граѓаните ги трошат парите, во делот на нивните расходи, туку во делот на приходите. Даночната евазија е присутна и тоа најмногу таму каде што има најмногу приходи. Конечно создадовме систем, ја подготвивме државата преку поврзување со банкарскиот сектор да има увид во приходите кои треба да бидат оданочени, изјави Заев.
Тој појасни дека во ваквиот процес нема ништо недемократско и постои во речиси во сите европски земји. Тој објасни што ќе биде предмет на оданочување.
-Се оданочува тоа што е приход како заработка, тоа што е помош од семејствата од надвор не се оданочоува. Ако некој има приход од странство затоа што работел во странство или имал интелектуална услуга и за тоа добил приход, тоа е приход што се оданочува. Дотациите, донациите кои нашинците ги испраќаат на нашите сограѓани овде, апсоултно нема да се одначочуваат и таа дилема да ја отстраниме, изјави Заев.