Почина отец Јован Таковски, професор кој ги преведе сите богослужбени книги од црковнословенски на македонски јазик
На 82 години почина протојереј – ставорофор проф. д-р Јован Таковски. Тој ги преведе сите богослужбени книги на МПЦ-ОА од црковно-словенски на македонски јазик, со што ги направи разбирливи за својот македонски народ и остави непроценливо богослужбено наследство.
Отец Јован Таковски – теолог, свештеник, професор, преведувач, завршил богословија во Приштина, Богословски факултет во Белград (1967), Филолошки факултет во Скопје (1980), а постдипломски студии во Париз. Докторирал како прв доктор по теолошки науки на Богословскиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Работел во Богословијата и на Богословскиот факултет во Скопје. Бил декан (2001–2004) на Факултетот и визитинг професор (2006) при Мелбурншкиот универзитет во Австралија. Ракоположен за ѓакон (1973) и во свештенички чин (1993). Член на литературните преведувачи на Македонија. Автор е на повеќе преводи и на научни прилози и одделни публикации.
Проројереј-ставрофор, проф д-р Јован Таковски целиот свој живот го има посветено на едукацијата на идните свештенослужители во црковно-просветните институции на Македонската православна црква, но истовремено има оставено значаен прилог во македонската научна и преведувачка дејност.
Непосредно веднаш по отворањето во 1969 година станува професор во Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“, а на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ е од неговото основање, се до заминувањето во пензија. За време на наставничката дејност станува автор на некои од првите богословски учебници и граматики, а истовремено активно се ангажира на преводи на значајни богословски дела.
Во богатата научна и преведувачка дејност, посебно се истакнува со преводите на делата на свети Климент Охридски (слова, поуки и житија) од досега најстарите пронајдени ракописи од XII и XIII век на старословенски јазик, кои на тој начин за првпат стануваат достапни за македонската јавност, како и преводите од црковнословенски јазик на сите богослужбени книги (посен и цветен триод, октоих, двотомното издание на избор од минеи, потоа минеи за сите дванаесет месеци, ирмологиј). Станува збор за веројатно единствените комплетни преводи на сите богослужбени книги на некој современ словенски јазик! Теологијата на свети Климент Охридски, пак, е предмет и на неговото научно истражување за докторската теза, со посебен осврт врз просвештението во неговите дела.
За постигнатите исклучителни резултати од долгогодишната научна, образовна и книжевна дејност од областа на богословските науки, добитник е на државното признание „Медал за заслуги за Македонија“. Беше почесен претседател на Меѓународниот филмски фестивал за духовни и хумани вредности „Богородичен покров“.