Избор на уредникотМакедонија

Нов ,,удар во пајак”- Топалоски ја сменил изјавата: Не ме удираше Нефи, ми се причинило

И по четири дена од инцидентот, помеѓу советникот Нефи Усеини и Спирко Топалоски, полицијата сè уште не може да ги најде советникот Нефи Усеини и неговиот брат за кои вчера Судот одреди мерка притвор од 8 дена за насилство врз охриѓанецот, стои во објава на сајтот Охрид1.

Во текстот понатаму се вели:

Адвокатот на Спирко Топалоски, Кристијан Спироски денеска испрати писмен допис во кој пренесува изјава од Топалоски за немилиот настан, но со поинаква содржина од пласираната во медиумите. Тој вели:

„Јас Спирко Топалоски сега во добра здравствена состојба, сакам да ги демантирам написите кои деновиве излегоја во јавноста, надвор од контекст и надвор од се што се случи критичниот ден. Од еден немил настан и расправија, која произлезе најверојатно од политички причини односно од структури за мене непознати со цел да се дискредитира неговото име и да се наруши нашето пријателство се направи филм. Додека јас и Нефи разговаравме, добив удар од задната страна и од стресот што го добив, особено и поради тоа што мојот син беше присутен добив погрешен впечаток за се. Да бидам искрен оружје не видов, но во целата таа паника што настана се стекнав со таков впечаток како да има пиштол, а всушност немаше. Сакам да потенцирам дека се работи само за едно недоразбирање, кое е надминато. Нефи бил и ќе биде мој пријател. Би ја замолил јавноста и медиумите да се занимаваат со други поважни, а не вакви исконструирани настани“, се вели во денешната изјава која до медиумите ја испрати адвокатот на Спирко Топалоски, Кристијан Спироски.

Потсетуваме дека по немилиот настан Топалоски сам се обрати до медиумите барајќи да објават што доживеал по средба со советникот Нефи Усеини. Тој меѓу другото првично рече:

„Ме нападна Нефи Усеини, квази криминалецот кој го опостуши цел град“.

По четири дена од инцидентот засега, на веб страницата на МВР во делот на потраги нема податок за распишана домашна или меѓународна потерница бидејќи за распишување на потерница е потребна наредба од судот велат од МВР. Досега такво барање не е доставено.

Браќата Усеини, се товарат за насилство врз охриѓанецот Спирко Топалоски. Според тврдењата на Топалоски во вторникот на пладне пред познат хотел во Охрид бил нападнат од советникот Нефи и неговиот брат со пиштол по главата, а истиот пиштол бил вперен и кон неговиот малолетен син.

Овие тврдења беа констатирани и од снимките на надзорните камери од хотелот, па полицијата во средата поднесе кривични пријави против Усеини под сомнение дека ги сториле кривичните дела „насилство“ и „неовластено држење на оружје или распрскувачки матeријали“.

По кривичната пријава вчера и основното јавно обвинителство од Охрид отвори предмет за овој случај, а судот одреди мерка притвор од 8 дена, пишува Охрид1.

Поврзани вести

Back to top button