Насилници повторно тепаат македонски деца во Чаир, Костовски побара од Спасовски итно да го реши случајот
Вчерашниот случај е дел од низа случаи насилство во автобусот 57, каде веќе извесен период особено во последниов месец на територија на општина Чаир се напаѓаат деца од Радишани и од Бутел кои се враќаат дома од центарот на градот, истакна Костовски.
Градоначалникот на општина Бутел Дарко Костовски вечерва побара од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски итно да го реши случајот со напади на деца од оваа општина во автобуси на ЈСП Скопје.
„Оставив неколку дена се со цел да не предизвикам дополнителна паника. Вчерашниот случај е дел од низа случаи насилство во автобусот 57, каде веќе извесен период особено во последниов месец на територија на општина Чаир се напаѓаат деца од Радишани и од Бутел кои се враќаат дома од центарот на градот.
Чашата е прелиена, како градоначалник на општина Бутел лично од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски барам брзо, остро, и без никакво заташкување да го реши овој проблем, додека не е предоцна.
Остро ги осудувам сите кукавички напади врз мирни млади деца кои дома ги воспитуваат дека насилството како опција не постои и треба да се остави во 19 век.
Не сакам да верувам дека овие чинови имаат каква било позадина и затоа велам насилството раѓа насилство и од таму сите надлежни органи ги повикувам да реагираат веднаш!
За неколку дена од сега како градоначалник на Бутел ќе организирам тркалезна маса на која ќе бидат повикани челниците на МВР, лидерите на верските заедници и претставници на загрижените родители, се со цел одблиску да ја следиме ситуацијата и да превенираме додека не е доцна. Доколку е потребно ќе формираме посебно тело за решение на оваа загрижувачка ситуација. Следиме будно!“, напиша градоначалникот Костовски вечерва на својот профил на Фејсбук.
Во денешниот билтен полицијата потврди дека ноќеска биле приведени петмина малолетници кои нападнале нивни врсници на автобуска постојка, на подрачјето на Бит-пазар.
Во 01.10 часот полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје ги лишиле од слобода Л.Б.(18), Б.М.(19), В.Х.(19) и уште двајца малолетници, сите од Скопје, затоа што скопјаните Т.Т.(46), И.М. (47), Л.Ѓ. (50) и Т.Ѓ. (43) пријавиле дека околу 00.40 часот нивните четворица малолетни синови биле физички нападнати од пријавените. на автобуска постојка на линијата 57.