Младите целосно отуѓени се држат до девизата лајкувај го ближниот свој
Го пишувам ова во недела, на Велигден. И немам намера да пишувам нешто делнично, туку да потсетам на важноста на светите нешта во животот на човекот, без разлика дали е верник или атеист. Без мистичното и митското, без чувството дека овој свет е вечна мистерија и тајна, а не банална, решена (макар и политичка) равенка, овој живот, без разлика дали сте политичар, бизнисмен, новинар, даскал, чевлар или невработен – не вреди да се живее.
Во шеесеттите години еден голем православен духовник од нашите балкански простори, простори интелектуално и духовно традиционално сомничаво запрашани над Европа, над тоа дали таа е извор на добро или на зло, како и над политиката што ветува рај уште на земјата, пишува:
„Царството Божјо не се гледа, вели Спасителот, а луѓето се отепаа, низ социјализми, комунизми и разни социјални движења, да го остварат Царството Божјо уште на овој свет. Култура, автомобили, гастрономија, мода, кина, театри – ете ги главните цели. Европа се отепа да произведе што повеќе, се отепа да има што повеќе храна, мода, јадење, железо, челик во светот, се отепа Европа, а сепак – и глад, и голи и сиромашни. Што е тоа?! Телесното уживање го прогласија за цел на животот, ги прогласија предметите за цел на животот, а душата ја отфрлија! А Спасителот во своето Свето Евангелие објавува дека главната вредност во овој свет е душата човечка. Ништо не е поважно на овој свет од неа. Сета земја – што е?
Тоа е страдање на гнојот. Сета земја – што е? Буниште и ѓубриште. А душата – душата е дар од небото…“
Оваа поплака е изговорена во време на еден егзалтиран почеток на масовно потрошувачко општество, кое денес, во постпостмодерната доба се соочува со својот целосен морален крах: колку повеќе луѓето имаат, толку понесреќни стануваат. Она што беше извор на огромна еуфорија, извор на чувство на супериорност поради развојот на разумот, науките и на технологијата, денес станува извор на страшен очај: бројот на самоубиствата е во пораст токму во најразвиените европски земји. Во „најрационалните“. А младите, целосно отуѓени, со своите електронски патерици за кои им сраснале прстите од „типкање“ по електронските социјални мрежи, се држат до девизата лајкувај го ближниот свој. И многу повеќе, преку разните „постови“, до – линчувај го ближниот свој (често и под псевдоним, за да се скриеш). Наместо човекољубие – човекоубие. Елиминирај го конкурентот, безмислосно, како да е само виртуелна фигура во видеоигричка. Тоа е нашето морално воспитание денес. Виртуелна сјајна реалност, а стварна бедна душа.
Кога човекот ќе се обездуши, тој станува реификуван, станува предмет. А секој предмет станува стока, односно има своја употребна и своја разменска вредност: најпросто, автомобилот има своја употребна вредност и служи за совладување далечини (рака на срце, во последно време многу повеќе служи како статусен симбол), но може и да се размени (продаде) за одредена сума пари. Ако е точно дека луѓето без душа стануваат предмети и стока, тогаш е јасно дека и ним може да им се определи разменска и употребна вредност. Не треба да се биде многу бистар ниту учен, па да се види дека тоа денес е практика – луѓето си определуваат цена и сами се продаваат за определена сума пари (од политичари, преку интелектуалци до фудбалери); ако сами не се продадат, тогаш нив ги продаваат нивните газди (трговијата со „бели робје“, експлоатацијата на деца како работна сила, трговијата со секс по борделите, или не дај боже – трговијата со органи, „продажба на човек на парче“). Но, опредметените луѓе си определуваат едни на други и употребна вредност: неретко ќе слушнеме за брак од интерес, кога партнерите се еден со друг затоа што се употребуваат. На пример, брак меѓу анонимен богаташ и славна личност; првиот го употребува вториот како статусен симбол, вториот го употребува првиот како бесконечен банкомат. Една моја познајничка, разочарана од ваквата состојба со љубовта, а соочена со понуда за брак од интерес, помирена со судбината, изјави: „Кога веќе нема љубов, и кога веќе морам секако да плачам што не ме сака, нека плачам барем во ’мерцедес’, а не во ’југо’“. Би било комично, да не е трагично. Дури, и во најобичните пријателства се гледа тоа определување цена: меѓу младите сè повеќе за „квалитетно“ пријателство се смета употребната вредност – дали родителот ти е на моќна позиција од која фајде може да види и твојот пријател или пријателка, или не!
Кога човек малку посериозно, макар бил и атеист, ќе се замисли над напишаното, станува јасно дека денешното светско морално воспитание целосно ги има исклучено сите духовни вредности од својот систем на производство на единки. Намерно ги користам термините „производство“, а не „создавање“ (креација), и „единка“ а не „личност“, затоа што „креација“ и „личност“ се нешта што му припаѓаат само на светот на митското, божественото и на светото („светото“ во поширока антрополошка смисла, како во книгите на Мирча Елијаде). Фабрикацијата, пак, (производството), како и единките, па дури и луѓето сфатени како човеколики единици (анг. units) му припаѓаат на светот на профаното; првото му припаѓа на свет што го признава Бога (во најметафоричната смисла на зборот), второто на свет што го признава само човекот: нарцистички антропоцентризам што води кон обожување луѓе како да се богови, па затоа води до Хитлер, Мусолини, Чаушеску. Ним им е потребна фабрикација на единки, а не создавање личности. Креацијата, односно создавањето, пак, се божествени работи, дури и кога ги прави човек, затоа што се создава уникатна неповторливост (на пример, Моцарт го создава својот прочуен и неповторлив „Реквием“ или Сервантес го пишува неповторливиот „Дон Кихот“). Фабрикацијата е сериско производство, сврзано со човековата рака (лат. manus) или уште полошо, со машина, која денес најчесто е политичка. И служи за прогонство на митското и на светото, а за апологија на профаното.
Прогонето е езотеричното, чувството дека светот е мистерија и тајна. Чувствата дека светот е тајна и мистерија се божествени чувства на дивинизација, а да дивинизира може само човек со срце, вера и со фантазија; наместо тоа, усвоени се рационалните и научни ставови дека светот е одговор, јасно место, решена равенка, место без тајни, а тоа е така затоа што човек се осоколил од својот разум, од напредокот на науките и позитивизмот, од чувството дека човек сам може сè, дека Бог е еден непотребен помошен реквизит во сеопштиот музеј на човековиот самостоен растеж од човек до човекобог. Таков натчовек што ќе владее еден ден и со вселената (која, патем речено, не ја создал).
Погледнете како ги воспитуваме децата: сте виделе ли вцрвени образи од срам денес? Сте виделе ли солзи на каење? Сте виделе ли радост кога ќе се појави виножито, а не само кога ќе му ја купите омилената играчка на детето преку Интернет? Уништени се (и многу ретки се) основните човекови особини, оние што ги именувавме како божествено во нас. Исчезнува разликата меѓу луѓето и сметачите. Дури и знаењето на учениците и студентите го мериме во табели и графи: на тоа нѐ научи Запад – дека сè е мерливо. Во поени. Така даваме и оцени: во децимали. Посуров инженеринг на душата – здравје. И сите напори да се врати духовноста во таквиот суров, гол, студен инженеринг се дочекуваат на нож. Затоа и се одржува пеколот земен, осветлен од неонки, дисплеи, чипови и од електронски скринови.
Венко Андоновски: За Нова Македонија