Левица: Покренуваме постапка против инспекторот Африм Саљиу кој го сокри скандалот на тетовскиот универзитет
Политичката партија Левица соопшти дека покренува постапка против раководителот на Секторот за инспекциски надзор во високото образование при Државниот просветен инспекторат, Африм Саљиу, поради скандалот на тетовскиот универзитет.
Од Левица велат дека Саљиу произволно и ретроактивно толкувајќи ги одредбите од Законот за високото образование, скандалозно заклучил дека при унапредувањето на тројцата функционери од ДУИ: Арбер Адеми, актуелен министер за образование и наука, Агим Нухиу, заменик-министер за внатрешни, и Сафет Емрули, директор на Државниот завод за индустриска сопственост, не постоела никаква незаконитост, туку истите биле „во јавен интерес“.
„Овие тројца недопирливи функционери на вечниот коалиционен партнер ДУИ се противзаконски унапредени во повисоки наставно-научни звања додека вршеле јавни функции – што е спротивно на тогаш важечкиот Закон за високо образование, кој изрично предвидува мирување на работниот однос додека се извршува функцијата“, велат од политичката партија.
Да биде иронијата поголема, додава Левица, главниот инспектор Саљиу кој го вршел нарачаниот вонреден инспекциски надзор има класичен судир на интереси во конкретниот случај кој ќе треба да ги испита антикорупциската комисија – бидејќи неговата ќерка работи како асистент токму на Правниот факултет при ДУТ Тетово. Во ваков случај, Саљиу бил должен да се изземе од инспекцискиот надзор.
„Со ова еклатантно е повреден етичкиот кодекс на инспекторите, како и Законот за спречување корупција и судир на интереси“, велат од Левица.
Партијата додава дека нивниот правен тим ја комплетирал потребната документација и во блиска иднина, против инспекторот, ќе покрене соодветни правни постапки за утврдување на неговата инволвираност во целиот случај.
Левица бара и од премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, веднаш да одговорат пред целокупната јавност за, како што велат, диригираниот мобинг врз инспекторот Ѓорѓи Илиевски, со цел да ги заштитат криминалите на коалицијата на власт.