Косово- легло на исламизам?
Косово има околу 2 милиона население. Од 2012. година до денес од Косово заминале 316 лица со цел да се приклучат на терористичката организација „Исламска држава“. Меѓу нив има и жени и деца. Наводно, 58 од нив загинале. На Косово се вратиле 117 лица, одговара Баки Келани, портпарол на косовското Министерство за внатрешни работи, на прашање на ДВ. Тој, истотака, известува дека против 237 лица се води истрага поради сомнеж за соучесништво и организирање терористички дела, регрутирање, поддршка и финансирање на тероризмот. Од 2013. година до денес се уапсени 127 лица.
Промена на идентитетот
Нема сомнеж, радикалниот ислам е сѐ поголем проблем и на Косово, со мнозинско муслиманско население. Една од причините е и тоа што косовските власти, и покрај големата меѓународна поддршка, не успеваат да владеат со ситуацијата. Бидејќи зад тие бројки се кријат општествени феномени од поголеми размери: раширена сиромаштија, 40 насто невработени и недостаткок на перспектива. Од сето тоа се создаваат фрустрации, а од нив вртење кон строгото толкување на исламот како што порано не беше на Косово.
Според податоците на безбедносните стручњаци, денес и до 50.000 Косовци го следат конзервативниот ислам. Голем број од населението се муслимани: Албанци, Роми, Турци, Бошњаци. Денес во Приштина, како и во провинцијата, се’ почесто се гледаат жени и девојки со традиционална марама на глава. Тоа уште пред 15 години беше реткост. А сега има и целосно покриени жени. Веќе тука може се забележи оти се поттиснува либералниот ислам од османското време. Наместо него се’ посилен е строгиот облик кој на Балканот стигна под саудиско влијание.
Институтот за политички студии (КИПРЕД) во летото 2016. година објави студија за влијанието на верата на косовскиот идентитет. Авторот на студијата, Лулзим Печи, вели дека 57 отсто од муслиманските Албанци на Косово пред сѐ се чувствуваат како Албанци, додека 32 насто првенствено се дефинираат како муслумани, а дури потоа како Албанци. „Кај тие луѓе гледаме голем идентитетски чекор напред од лингвистичката етничка припадност, т.н. говорни нации, според верско-етничкото општество“, објаснува Печи за ДВ. И предупредува дека, ако тој процес продолжи, постои опасност од изчезнување на „албанството“ какво што го познаваме. Што ќе биде крај за секуларно и прозападно Косово.
Влијание од исламските земји
Исламизацијата на Албанците по војната на Косово започна полека. Саудиска Арабија, Кувајт и други исламски држави на големо инвестираа во обнова и изградба на џамии, праќаа проповедници и им помагаа на сиромашните. Денес на Косово има 742 џамии, а тука се и другите муслимански установи како на пример школите за Куранот. Но заедно со парите и проповедниците во земјата стигна и еден поинаков ислам. Политикологот Агон Демјаха, кој исто така рабтел на истражување за создавање на идентитетот кај Косовците, вели дека политиката и партиите долго биле неодредени и неодлучни кон тој феномен. А социологот Смајл Хасани за виновен за таа појава го смета и лошиот образовен систем на Косово. Вели дека премалку важност се посветило на создавањето на косовскиот идентитет како верски толерантен и мултирелигиозен.
Претставниците на исламската заедница ја отфрлаат вината за радикализација. Напротив: теологот Беса Исмаили тврди дека ниту еден Косовец, кој се приклучил на терористичките мрежи, не доаѓа од нејзината заедница. Таа вели оти е погрешно да се бориш за религија и дека таа идеологија не е раширена кај Албанците. Таа нагласува и оти теророт нема никаква врска со верата: „Меѓу вистинските верници нема екстремизам, во верата нема насилство, туку само љубов“.
ПОВЕЌЕ НА ДОЈЧЕ ВЕЛЕ