Кои милијардери заработија за време на пандемијата од коронавирусот
Во последните два месеци вкупно повеќе од 400 милијарди американски долари „испарија“ од портфолијата на 100 најбогати луѓе во светот, пренесува „MarketWatch“.
Ова значи дека сè што е стекнато во текот на изминатите 2,5 години е веќе изгубено и тоа само за 2 месеци, покажуваат податоците на „Hurun Research Institute“.
Речиси сите топ 100 милијардери во светот губат пари помеѓу 31 јануари и 31 март. Единствен исклучок се 9 богати луѓе, сите се … кинески државјани.
– Пазарите во Кина реагираа подобро отколку берзите во САД и во Европа – рече Руперт Хогеверф, претседател на „Hurun Report“.
Американскиот основен индикатор „DJIA“ изгуби 21% во тие два месеци, индексите во Европа исто така забележаа двоцифрен пад, Јапонија опадна за 18% и Хонг Конг падна за 10%.
Сепак, индексот во Кина додаде минимални 0,2%.
Ковид- 19 исто така создаде силна светска побарувачка за медицинска опрема, платформи за видео-конференции, како и платформи за учење на деца од далечина, и малку изненадувачки, производителите на свинско месо во Кина.
Платформата „Zoom“ објави зголемување на своите дневни посетители до 200 милиони луѓе, наспроти само 10 милиони на крајот на декември 2019 година.
Меѓу победниците се и основачите на платформата за тестирање „Offcn“, како и Алекс Ху Хан, чија компанија „Mindray“ произведува медицинска опрема.
Семејната компанија за свинско месо „Muyuan Foods“ забележа значително зголемување на продажбата по африканската епидемија на свинска треска, што значително ја зголеми цената на нивното производство во Кина.
Најголемите загуби меѓу првите 100 милијардери во светот има Бернар Арно. Французинот, кој е сопственик на компанија за луксузни стоки „LVMH“, изгуби 30 милијарди долари или 20 милиони долари на час.
Најбогатиот човек на светот, Џеф Безос изгуби „само“ 9 милијарди долари и има на располагање 131 милијарди долари.
Вкупно 34 од 100 најбогати луѓе во светот се Американци, а 29 се Кинези.