Кинескиот амбасадор во Русија: Можеби ковид-19 е увезен во Кина
Во разговорот со руската новинска агенција, амбасадорот неколку неколку пати ги споменува САД, алудирајќи дека новиот коронавирус можеби некој го увезол на пазарот за морска храна негирајќи ги обвинувањата дека е настанат во лабораторија во Вухан
Секвценци од генот на новиот коронавирус ковид-19 укажува на тоа дека вирусот не се појавил во кинескиот град Вухан, туку бил увезен, вели во интервју руската агенција „Тасс“ кинескиот амбасадор во Русија, Џанг Ханкуј.
Интервјуто објавено минатата недела доаѓа како продолжение на обвинувањата за одговорноста за пандемијата кои во изминатиот период се испраќаат на релација Вашингон-Пекинг.
Амбасадорот во интервјуто зборува за детали од истражувања кои се поврзуваат со „претците“ на ковид-19 и упатува на тоа која од верзиите на новиот коронавирус била откриена во Вухан.
„Пет водечки кинески научни организации собраа податоци за 93 генетски видови на ковид-19, кои се објавени во глобалните бази на податоци од страна на 12 земји од различни континенти. Истражувањето покажа дека најстариот откриен ‘предок’ на ковид-19 е вирус познат како mv1, кој понатаму еволуирал во хаплотипови (секвенци) H13 и H38. Овие два еволуирале во втора генерација Н3 која на крај еволуирана во Н1 (ковид-19)“, вели кинескиот амбасадор.
За да ја прикаже ситуација „пластично, тој во интервјуто видовите на вирусот ги ословува со семејни релации, па вирусот mv1 го нарекува „прадедо“, хаплотиповите од него Н13 и Н38 ги ословува со „баба“ и „дедо“, а Н3 со „татко“ на ковид-19.
Вирусот, тврди Ханкуј, што беше откриен на пазарот за морска храна во Вухан е од стеблото на Н1, а претходно во Вухан е откриен само Н3 односно „таткото“, но тоа нема никаква поврзаност со пазарот.
Меѓутоа, Н13 и Н38 (бабата и дедото на ковид-19) никогаш не биле пронајдени таму.
„Ова укажува на тоа дека примерокот Н1 (ковид-19) на пазарот е донесен од страна на веќе инфицирано лице, што понатаму ја предизвикало епидемијата“, вели амбасадорот осудувајќи ги обидите вината за пандемијата да се префрли на Кина.
Повикувајќи се на овие тврдена, во разговорот со руската агенција „Тасс“, амбасадорот упатува дека првичниот избор на ширење на ковид-19 засега не е идентификуван, а трагите можат да водат на многу страни.
Тој вели дека со помош на современата наука и технологија, може да се следи изворот на вирусот односно да се дојде до нулта пациентот и тогаш ќе се открие сето она што се криело досега.
Бранејќи ја тезата дека нема факти кои докажуваат дека вирусот настанал во Вухан, Ханкуј посочува пример со брачна двојка од Јапонија, која вели, се заразила додека престојувала на Хаваите, од 28 јануари до 7 февруари, а двојката воопшто не била во Кина ниту, пак, контактирала со некој Кинез.
Понатаму, амбасадорот посочува на медиумски написи дека ковид-19 во Ломбардија, Италија, прв пат се појавил уште на 1 јануари, како и сомнежите на медицинскиот специјалист Џузепе Ремучи, според кој, епидемијата во Италија почнала да шири уште да започне во Кина.
Префрлајќи ја топката кон САД, Ханкуј во интервјуто го споменува и американскиот виролог Робер Редфилд, директор на Центарот за контрола и превенција од заразни болести и администратор на федералната агенција за јавно здравје во Атланта, наведувајќи дека овој виролог изнел сомнежи дека голем број од смртните случаи од сезонски грип во САД всушност настанале како последица на ковид-19. Потаму, амбасадорот продолжува и со потенцирање на тоа што САД го одбиле барањето на Италија да ексхумира одредени американски жртви на грипот за да дојде до некоја трага за вирусот.
Од друга страна, пак, САД изминатиот период неколку пати го вперуваа прстот кон Кина. Покрај сомнежите кои Трамп ги изнесе дека вирусот настанал во лабораторија во Вухан, американскиот претседател неколку пати ја предупредуваше Кина дека ќе сноси последици доколку била свесна за одговорноста за пандемијата на коронавирусот.
И еден од неговите најблиски соработници, Питер Наваро, кој е трговски советник во Белата куќа и специјалист за Кина, обвини дека Пекинг криел информации за епидемијата, а една од причините била тоа што сакаат да победат во трката за вакцина и оти на ова Кинезите гледаат како на бизнис можност.