Македонија

Капитализам и идиотизам

Своевремено, српскиот филозоф од европски формат, Никола Милошевиќ, напиша една култна книга – „Марксизам и језуитизам“. Во неа ги покажа сличностите меѓу фалсификуваниот марксизам (онака како што го читаа диктаторите, злоупотребувајќи ја изворната филозофија на Маркс) и језуитизмот.

Впрочем, не е ништо ново славни филозофи да бидат злоупотребувани; познат е случајот на Ниче и неговата злоупотреба од нацистите, особено околу оној дел за „натчовекот“ и „волјата за моќ“, што ги роди идеите за супериорна раса (германската), која треба да ги исчисти сите други „несупериорни“ раси, „генското ѓубре“, па дури и ментално болните и инвалидните единки. Насловот на оваа колумна е само идеја за некој, поумен од мене, да седне и да напише слична книга, овој пат за капитализмот и за идиотизмот (во Македонија).

Да види дали тие две нешта се наоѓаат во некаква суштинска врска, и ако се наоѓаат, да види во што се состои таа сличност.

Најпрвин, статистиките покажуваат дека огромен процент луѓе од капиталистичките земји воопшто немаат поим во кој општествено-политички систем живеат, како што ретко знаат кој им е министер или премиер. Гледав таква ТВ-анкета, кога новинарот им го откри одговорот на анкетираните (сосема просечни Американци), нивната реакција беше најчесто: „Па тоа го знаев. Не ми текна, не знам зошто“, или „Еј човеку, се разбира, па тоа е нормално!“. Тоа значи дека за нив капитализмот е сосема ПРИРОДЕН, а не општествен систем. Навикнати се на него како рибите на водата, и како што и рибите не знаат дека живеат во вода, така и тие. А ние?

Според мојот личен впечаток, досега, кај нас, во политичките програми на сите наши партии систематски се избегнува споменувањето на зборот „капитализам“ (се заменува тој поим најчесто со „економски растеж“). Наспроти тоа, неумерено се споменува поимот ДЕМОКРАТИЈА.

Тоа е веројатно така, затоа што и западната филозофија нема јасна претстава како може денес рака под рака да одат поимот на ЕКСПЛОАТАЦИЈАТА и поимот на ЕДНАКВОСТА. Тоа е, се разбира, еден од апсурдите во кои живее денешниот свет и не ги дискутира, туку премолчено ги одобрува. Колку што ми е мене познато, не е извршена редефиниција на поимот „капитализам“ од Маркс наваму – тој и натаму останува систем што се потпира на одземањето на „вишокот на вредност“ на производот и негово ставање во џебот на капиталистот. А тоа „земање од другиот/работникот“ никако не може филозофски да се помири (и оправда) со поимот дека сите имаме еднакви права, затоа што токму одземањето од другиот значи кршење на неговото право да биде негово она што го заработил.

Кај нас има и други причини за неудобност при употребата на терминот „капитализам“ во јавниот политички сообраќај, а тоа е „социјалистичкото наследство“, односно гладната точка од која социјализмот (на СФРЈ) гледаше на капитализмот. Тоа беше крајно негативна перспектива во морална смисла. Во училиштата ни предаваа дека е тоа суров, експлоататорски и нехуман систем на отуѓени луѓе. Тоа беше „гнилиот капитализам“, за кој се тврдеше дека ќе пропадне; наспроти тоа, со полет и оптимизам се говореше за хуманиот социјализам. Кога се распадна Југославија, одеднаш, капитализмот стана најпосакуваниот и најсовршениот општествен, односно економски систем.

Еден неостварен бог (комунизмот) прекуноќ беше заменет со нов неостварен бог (капитализмот); се измисли дури и терминот „транзиција“ (за нетрпеливите), како патување кон рајот на капитализмот, како што пред тоа социјализмот беше предворје за рајот на комунизмот. Дури, се сеќавам дека во ЈНА, еден офицер што ни предаваше политичко образование, прекуноќ беше сменет само затоа што направи блага алузија дека социјализмот и капитализмот би можеле да бидат слични, односно дека социјализмот е логичен завршеток и на капитализмот. И ни ги даде доказите – некои силно развиени капиталистички земји (ги спомена Шведска, Данска, Германија), според грижата за човекот се доближиле до поимот на хуманиот социјализам. Другиот ден не се појави на настава; наводно, бил итно прекомандуван, зашто бил попотребен во друг гарнизон. Потоа дознавме дека е пратен во Хан Пијесак. Казнен гарнизон.

А зошто да се срамиме сега од тоа дека заменивме прекуноќ еден бог со друг? Па немавме ни избор, ниту некој нè праша. Што требаше да правиме, кога цел свет (со ретки исклучоци) живее во капитализам? Капитализмот, за кој нема никакво хуманистичко оправдување, сепак е нужно зло, за развој на планетата. Така нè учат филозофите, иако нерадо дискутираат за таа врска – капитализам и хуманизам. Но, исто така, филозофите веќе од поодамна пишуваат дека веќе живееме во посткапитализам, што значи дека ние повторно доцниме, како и за во НАТО и за во ЕУ; обично влегуваме во нешто кога тоа нешто веќе завршило.

Затоа, јас како лаик за општествено-политички системи предлагам, оној што ќе ја пишува идната критика на капитализмот (и таа со задоцнување), да има предвид дека капитализмот има три последователни (еволуциски) фази. Првата, најсуровата (која теоретичарите ја нарекуваат „првобитна акумулација на капиталот“), се одликува со најсуров однос кон работниците, затоа што „капиталистот“ не им дава ништо освен минимум (часови за одмор и леб) за преживување и обновување на работната сила, и тоа само затоа што нивната сила треба утре пак да се експлоатира. Таа фаза може да се сведе на реченицата на капиталистот: „СЀ ЗА МЕНЕ И НИШТО ЗА ДРУГИТЕ“.

(Кај Шопенхауер истата реченица ја наоѓаме како идеална дефиниција за ЕГОИЗМОТ). Во втората фаза, капитализмот станува „похуман“: кога капиталистот веќе се збогатува толку што се задоволуваат неговите потреби и желби, тој веќе им дава на работниците плати од кои тие можат сосема пристојно да живеат. Колку побрзо се збогати капиталистот, толку подобро ќе живеат и работниците. Таа втора фаза може да се супсумира во реченицата на капиталистот: „МНОГУ ЗА МЕНЕ, НО ДОВОЛНО И ЗА ДРУГИТЕ“. И конечно, третата фаза (онаа што некои веќе ја именуваат како посткапитализам) е целосно морално проблематична: во неа капиталистот е веќе толку богат (апсурдот на она богатство што не можат да го потрошат ни 10 колена по него), што не му е важно веќе ДА ИМА, ТУКУ ДРУГИТЕ ДА НЕМААТ.

Таа трета фаза навистина е крај за капитализмот, затоа што целосно се укинува неговата каква-таква морална оправданост, зашто втората фаза будеше надеж дека капиталистот сепак се грижи и за оние околу него.
Е па, драги мои, прашајте се – имавме ли ние капитализам од распадот на комунизмот наваму? Јас тврдам – не. Македонија е економски пропадната земја; смешно е да се тврди дека во неа владее(л) капитализам. Камо среќа да имаше капитализам; досега веќе ќе бевме во втората фаза и ќе имавме сите – и капиталистите и работниците. Поточно, имавме капитализам, со сите три регуларни фази, ама не на полето на економијата, туку на полето на политиката. Наместо капитализмот да завладее со економијата и да направи ЕКОНОМСКИ ПАРИ, тој влезе во политиката (и политичкото мислење) и произведе ПОЛИТИЧКИ ПАРИ. Тоа значи дека наместо фабрики (без кои нема капитализам), изградивме партии што прават пари. Партиите се наши фабрики. Си игравме капитализам, како што си игравме и социјализам.

Затоа, прва задача на новата влада треба да биде: воведување вистински, а не политички капитализам. Во политичкиот капитализам најдобро успеаја идиоти и полтрони, кои излегоа со дебели конта без грам капиталистички стаж, без минута помината (барем како сопственик-надзорник) во погон, фабрика, градилиште. Па како тогаш се збогатија?

Нека ми се јави тој јунак што ќе ја напише таа книга; со задоволство ќе му бидам бесплатен работник: ќе му пишувам фусноти, белешки и ќе му наоѓам извори и граѓа, само во име на вистината за капитализмот и за идиотизмот.

ВЕНКО АНДОНОВСКИ ЗА НОВА МАКЕДОНИЈА

Поврзани вести

Back to top button