Ердоган го предупреди светот: Постои болест која се шири побрзо од короната
Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган им се обрати на учесниците на 23-от годишен конгрес на Муслиманско-американската заедница (МАС) преку видео врска и им се заблагодари на организаторите кои успеаја да најдат начин да се соберат на виртуелна платформа кога условите на пандемијата КОВИД-19 не дозволуваат традиционални собири.
– Свесни сме дека не може да има граници помеѓу срцата. Далечината е неважна за оние чии срца се обединети – рече Ердоган.
Ердоган предупреди на проблемот со растечката исламофобија на Запад, наведувајќи го „примерот на Франција, кој го навредува пророкот Мухамед под маската на слободата на говорот“.
– Навреда на нечии светилишта е далеку од слобода. Мислењето е едно, а навредата е нешто друго – рече Ердоган.
Посочувајќи дека идеолошкиот фанатизам зема замав, Ердоган рече дека оние што ги игнорираат нападите врз џамиите и поттикнуваат навреди кон муслиманскиот пророк Мухамед, всушност го прикриваат сопствениот фашизам.
Турскиот претседател Ердоган понатаму рече дека исламофобијата е болест што се шири побрзо од коронавирусот.
– Културниот расизам, дискриминацијата и нетолеранцијата достигнаа такви размери што повеќе не можат да се кријат во земјите што со години се сметаат за лулка на демократијата- рече Ердоган.
Ердоган тврди дека исламофобијата и ксенофобијата станаа тренд што ги движи државните политики и го комплицира секојдневниот живот на луѓето.