Девојчиња од Балканот ги носат во Англија и ги принудуваат на проституција, макрото од едно двојче заработува 125 илјади фунти годишно
Трговците со бело робје во Романија користат паметни трикови за да намамат десетгодишни девојчиња, а потоа со измама ги носат во Велика Британија, каде ги принудуваат на проституција.
Користејќи го добро практикуваниот метод на „играње љубовници“, тие намерно бараат ранливи млади девојки кои одат во Англија преку разработена мрежа на трговци и стануваат дел од суровата секс индустрија.
Тие вешто користат дупка во романскиот правен систем, според која ако девојка доброволно оди со некого и таа лично не поднесе пријава, полицијата не може да го третира тоа како кривично дело.
Регрутирана од училиште
Јана Матеи, која води објект во Романија во која живеат деца кои биле цел на трговија со луѓе, изјави за Би-Би-Си дека овој метод на глумење љубовници е најстрашниот начин за регрутирање девојчиња.
– Доаѓаат во училишните дворови и разговараат со нив. Тука е и мојата 13-годишна ќерка Даниела која очајно се обидува да се врати кај својот 52-годишен љубовник, вели Јана.
Таа потоа додава дека кога ќерка ѝ бега од полицијата вели
„Одам кај мојот 52-годишен дечко и го сакам“.
На новинарот на Би-Би-Си му било кажано дека романските власти не спровеле соодветна истрага кога родителите на овие девојчиња го пријавиле нивното исчезнување.
Детективот Колин Вард од полицијата во Манчестер, кој раководи со специјализирана единица која се занимава со модерното ропство, вели дека оние кои не се среќаваат со овој феномен, не можат на вистински начин да ги согледаат размерите на овој проблем.
– Трговијата со бело робје за сексуални цели е многу распространета во Велика Британија. Не сме ни блиску до вистинскиот број на жртви, сигурно има многу повеќе отколку што знаеме, рекол детективот, пренесува британски Телеграф.
Тој вели дека сите се потенцијална мета, дури и луѓето од нашето соседство.
– Колку повеќе жртви, толку потешко ни е да ги најдеме бидејќи можат да бидат насекаде. Романците генерално немаат голема доверба во полицијата. Искуството што го имаат со службениците во нивната земја е генерално многу лошо, вели тој.
Детективот вели дека 14 години работи со жртвите на белото ропство и дека на една рака може да смета колку жени рекле дека се жртви и дека им е потребна помош.
„Малку случаи одат на суд“, вели тој.
Министерката за родова еднаквост Рејчел Меклин рече дека Британија има еден од најстрогите закони кога станува збор за трговијата со луѓе и модерното ропство.
„Нашите институции тесно соработуваат со нивните колеги во странство, вклучително и Романија, за да се погрижат одговорните да дојдат пред лицето на правдата“, рече Меклин.
Таа додаде дека МВР годинава издвојува 1,4 милиони фунти за финансирање на програма за борба против модерното ропство.
„Идејата е да се поддржи полицијата во нивната борба против модерното ропство, вклучително и работа за зголемување на гонењето и градење капацитет за брзо реагирање на организираниот криминал во областа на имиграцијата“, вели таа.
Извештајот на Европската комисија објавен минатата година откри дека бројот на шверц на деца од Романија е десеткратно зголемен во последните пет години.
Во исто време, полициските податоци покажуваат дека дури 86 отсто од жените кои полицијата ги пронашла во борделите за време на рациите во Лестершир и Нортамберленд се главно од Романија.
Од скапи стриптиз клубови во Лондон до мрачните улички во Лидс, британската секс индустрија е полна со контроверзни приказни за таканаречените „Романки кои го продаваат своето тело за пари“.
Овие жени најмногу се занимаваат со овој бизнис уште додека биле девојчиња, а потоа организирани групи, желни за пари и заработка, ги тераат на проституција, а потоа за себе земаат огромен профит.
Со секоја заработка помеѓу 500 и 700 фунти дневно, нивните макроа можат да заработат до 12.500 фунти месечно или 135.000 фунти годишно од само едно девојче.
И покрај овој приход, голем дел од нив продолжуваат да живеат во беда бидејќи им било наредено сите пари што ги заработуваат да ги предадат на оние што ги донеле во Велика Британија.
Во Романија, експертите велат дека толку многу пари се во оптек што овие групи почнале да поткупуваат корумпирани владини службеници.