Да се знае кој е газда: Синот на Ахмети во бизнисот со струја, внукот ја купува „Соравија“…
Откако медиумите на крајот од минатата година објавија дека синот на лидерот на ДУИ Али Ахмети влегува во бизнисот со струја, уште еден од фамилијата Ахмети станува бизнисмен. Поточно, станува збор за внукот од брат на Ахмети, Дрин Ахмети.
Комисијата за заштита на конкуренцијата на 9 јуни ја објави информацијата за добиено известување дека бизнис центарот Соравиа се продава на „Тор индустрис“ ДООЕЛ Скопје и албанската компанија „Пе-вла-ку ШПК“.
-Дрин Ахмети, внук од братот на Али Ахмети, Фекри, од 2020 година е сопственик на компанијата за развој на градежни проекти „Тор индустрис“. Од известувањето на КЗК може да се види дека сите три компании, „Тор индистрис“, подружницата на „Пе-вла-ку“ во Македонија и „Соравиа инвест“, сопственикот на бизнис центарот, се регистрирани на иста адреса, на улицата „Филип Втори Македонски“ број 3, пишува „МКД.мк“.
Дрин Ахмети е косопственик и на фирмата „Еверест ЏД“ која има активна концесија за експлоатација на варовник на локалитетот „Буковиќ“ во Зајас. Оваа фирма добила пет тендери во вкупна вредност од 8 милиони денари. Негов партнер во оваа фирма бил и Бесин Ахмети, неговиот брат.
Инаку, медиумите на крајот од минатата година објавија дека и синот на Али Ахмети Шкумбин Ахмети влегува во бизнисот со енергетика. Откако месец дена претходно отворил фирма за производство на струја, Шкумбин Ахмети од Зајас стана и формално е дел од бизнисот со соларна енергија.
Шкумбин Ахмети е одговорното лице на Друштвото за производство, трговија и услуги „Тхеас Енергу ДООЕЛ“, како и сопственик на претпријатието за консалтинг, посредување, проектирање, инжинеринг и услуги „Архитектас Пројоект Студио“ од Зајас. Тој е единствено вработено лице, а за основањето на фирмата вложил 16 илјада евра.