Свет

Бугарски генерал: Србија станува главен фактор во регионот, Русија ги вооружува, а нас НАТО ништо!

Некогашниот шеф на бугарската разузнавачка служба, генерал Кирчо Киров, рекол дека Србија станува регионален воен фактор.

Тој вели дека додека Бугарија, како членка на НАТО, има проблеми со вооружувањето, Србија од Русија добива бесплатно модерно вооружување.

Киров за бугарското “Радио Фокус” оценил дека тензиите помеѓу НАТО и Русија се развиваат опасно блиску до Бугарија, и дека без сомнение ќе влијаат на ситуацијата во регионот. Според неговите зборови, Русија операциите на НАТО во Црното море ги смета за агресивни и ќе возврати.

“Очигледно е дека ова е игра на нерви, која ќе продолжи и во иднината. Можеме само да се надеваме дека нервите на двете страни се доволно силни и издржливи, и дека нема да има понатамошен развој и провокации, кои би предизвикале воен судир”, рекол Киров.

Тој додал дека поради оваа опасна ситуација во својата непосредна близина, Бугарија мора внимателно да го следи развојот на настаните и посебно внимание да посвети на војската.

Киров рекол дека е очигледно дека Русија се потпира на Србија и дека секогаш било така, додавајќи дека испаднало дека Србија е окружена со земји членки на НАТО, но дека добива воена помош од Русија.

“Бугарија, како членка на НАТО, има проблеми со вооружувањето, а Србија прима модерна борбена опрема бесплатно, како и модерни авиони и проектили. Србија станува регионален фактор во воена смисла”, рекол Киров.

Поранешниот шеф на разузнавачите во Бугарија изјавил дека смета дека проблемот на Србија со Косово и Метохија ќе трае уште долго и истакнал дека Бугарија би требало да биде нервозна поради овие процеси кои се случуваат во нејзина близина.

Поврзани вести

Back to top button