Избор на уредникотМакедонијаРелигија

Бигорскиот манастир слави 1.000 години од основањето (во живо)

Главната и централна прослава на големиот јубилеј – 1.000 години од основањето на Бигорскиот манастир започна денеска со почеток во 9 часот, со Божествена архијерејска литургија, со која чиноначалствува Неговото блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан, во сослужение со своите собраќа од Светиот Синод на МПЦ-ОА.

По завршувањето на литургијата пред присутните, освен архиепископот г. г. Стефан, ќе се обрати и покровителот на прославата, претседателот на државата Стево Пендаровски.

Митрополитот г. Тимотеј и епископот г. Партениј, пак, ќе доделат ордени и благодарници на заслужни поединци и организации, кои дале значителен придонес за илјадалетието на Бигорски и за неговата евангелско-просветна мисија.

Според Бигорскиот поменик, манастирот бил основан од страна на монахот Јован во 1020 година, а во XVI век манастирот бил разрушен од страна на отоманската власт и од целиот комплекс останал само мала црква. Од помениците исто така се дознава дека манастирот бил повторно обновен во 1743 година од страна на јеромонахот Иларион, кој бил и првиот игумен на Бигорскиот манастир во поново време.

Бигорскиот манастир го сочинуваат манастирската црква, која е посветена на Јован Крстител, костурницата, сместена до самата црква, сејменската одбранбена кула, комплексот манастирски конаци, како и новоизградените гостински конаци.

Најубавиот украс во црквата и она по што е најпознат овој храм е секако прекрасниот и единствен од ваков вид во православието иконостас, врвно дело на мијачките копаничари, кои по својата вештина на обработка на дрвото останале ненадминати и до ден-денес. Тоа се прочуените Петре Филиповски – Гарката од село Гари, со својата тајфа, и Макариј Фрчковски од Галичник. Тие ова монументално дело го завршиле за зачудувачки кусо време, од 1830 до 1835 година.

Поврзани вести

Back to top button