Избор на уредникотМакедонија

Апсење на дилери во скопско (ВИДЕО)

Припадници на полицијата денеска во Катланово приведоа три лица од Скопје, кај кои се пронајден околу седум килограми амфетамин, чија вредност е проценета на околу 40.000 евра – соопшти МВР.

Како што информира портпаролката на МВР, Сузана Прањиќ Талевска, припадници на Единицата за недозволена трговија со дрога и Секторот за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи при Одделот за криминалистичка полиција, во заедничка акција со СВР Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога и оружје и Специјалната антитерористичка единица „Тигар”, со поддршка од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, во скопското село Катланово ги лишиле од слобода скопјаните М.Ш. (48), Е.Т. (30) и А.З. (19), бидејќи кај нив бил пронајден ранец со 14 компресирани пакувања со синтетичка дрога амфетамин со тежина од околу 7 килограми, чија вредност е околу 40.000 евра.

Според Прањиќ Талевска, во текот на ноември и декември 2022 година, по наредба на јавен обвинител од ОЈО Скоје, било спроведено криминалистичко истражување насочено кон осомничени дилери, кои вршеле продажба на синтетичка дрога амфетамин и на марихуана од Скопје, Велес, Гевгелија и Тетово.

– Во текот на истрагата од слобода се лишени 13 лица и запленет е околу еден килограм синтетичка дрога амфетамин и марихуана, за што досега се поднесени осум кривични пријави до надлежните Основни јавни обвинителства во Скопје и Велес, а на дел од лишените лица одредени им се мерки притвор – наведе Прањиќ Талевска.

Во текот на денешниот ден, пак, извршени се претреси на пет локации во Скопје, при што се пронајдени марихуана, хероин, амфетамин и предмети кои потекнуваат од извршени кривични дела кражби.

Според Прањиќ Талевска, запленети се и парични средства кои потекнуваат од продажба на наркотични и синтетички дроги и четири патнички возила – Голф 5, Ауди А3, Мерцедес и Рено Клио, за кои во текот на истрагата се обезбедени докази дека биле употребувани за продажба на дроги.

– Притоа, лишена од слобода е и Р.И.(39) од Скопје, а против други лица инволвирани во извршените кривична дела, за кои се обезбедени докази, ќе бидат преземени дополнителни мерки за нивно пронаоѓање и лишување од слобода, изјави Прањиќ Талевска.

СВР Скопје – Единица за недозволена трговија со дрога и оружје до надлежното Основно јавно обвинителство Скопје ќе  поднесе кривична пријава против пет лица за извршено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” по член 215 од Кривичниот законик.

Министерството за внатрешни работи информира дека и во претпразничниот период ќе продолжи со преземање на засилени мерки и активности во борбата против недозволената трговија со дрога и наркотични средства.

Поврзани вести

Back to top button